
Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти во државата. Во моментов на дијализа одат 1.657 пациенти во 23 центри за дијализа, распоредени низ 17 градови. Најмладиот пациент на дијализа имал само четири години и тој, за среќа, сега веќе е трансплантиран. Најмладиот пациент кој посетува центар за дијализа има 13 години.
Од Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ бараат креирање на глобална стратегија за справување со бубрежните заболувања, со акцент на превенцијата и раниот скрининг за навремено откривање на болеста. Потребен е систем каде бубрежно болните лица ќе може да ги остварат нивните права без да лутаат по здравствените и социјални лавиринти, со психо-социјална поддршка на пациентот и семејството, бидејќи тоа е болест што се одразува на поширокото семејство, велат од „Нефрон“.
Годинава, не е направена ниедна трансплантација, поради реновирање на одделението на Клиниката за урологија. Директорот на Универзитетската клиника за урологија во Скопје, Башким Шабани за МИА појаснува дека во моментов имаат четири болнички соби, каде се вршат интервенции само на итни случаи и карциноми.
Се планира реновирањето да заврши најдоцна до 15 април и по ова ќе почнеме со трансплантација на ливинг-донор и кадаверична трансплантација. Напоменувам дека во овој момент Центарот за трансплантација е нефункционален поради фактот што во тие простории биле третирани прележаните пациенти со коронавирус и поради тоа што технички не е функционален, а за жал, овие простории за време на пандемијата биле оштетени. По завршување на реновирањето, се предвидува реновирање и на Центарот за трансплантација, вели Шабани.
Од 1977 година до денес извршени се 596 трансплантации, од кои, 512 од жив донор и 84 кадаверични.
Во споредба со другите балкански земји, ние сме на врвот, во подобра состојба со трансплантација на бубрези. Во однос на европските земји, сме многу далеку наназад, вели Шабани.
Најмладиот пациент на кој му е извршена бубрежна трансплантација е на 15-годишна возраст, а најстариот има 67 години. Според Шабани, листата на чекање за трансплантација на бубрег во нашата држава е долга.
Околу 160 пациенти чекаат за ливинг-донор и кадаверична трансплантација, нагласува Шабани.
Тој вели дека на Клиниката има доволно стручен кадар, а во иднина се планира да има најмалку три екипи за трансплатација.
Има посебна екипа која се занимава со трансплантација на бубрези, но, освен оваа, има и втора екипа за трансплантација од искусни уролози, кои ќе ги користат искуствата од нашата клиника, а едновремено, е направен план за едукација во развиените центри за трансплантација и во иднина, планираме да има најмалку три екипи за трансплантација, појаснува Шабани.
Преку националниот координатор за трансплантација и Министерството за здравство, планирани се континуирани едукации во најразвиените центри за трансплантација, со цел да се донесат новите искуства за трансплантацијата и да се зголеми бројот на трансплантации кај нас.