
Унгарскиот премиер Виктор Орбан одлучи да распише референдум за прашањето за членството на Украина во Европската унија, јавија унгарските медиуми.
Премиерот синоќа пред претставниците на медиумите во Брисел, каде се одржа вонредниот самит на ЕУ за Украина, изјави дека прашањето за пристапувањето на Украина во европскиот блок треба повторно „сериозно“ да се постави и дека во сегашните околности мора да се донесе „одговорна одлука“.
Таквата одлука не треба да се носи без јавноста, па референдум за ова прашање ќе се одржи во Унгарија, додаде Орбан. Според него, тоа може да се очекува во следните недели.
Дваесет и шест земји-членки на ЕУ – со исклучок на Унгарија – потпишаа заедничка декларација во Брисел за поддршка на Украина.
Според Орбан, финансиската помош за Киев, во комбинација со „товарот“ од можното членство на Украина во ЕУ, е надвор од можностите на европската економија. A финансиската помош за Украина „би нанела голема штета за Европа“.