
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, директорка на Државен Архив и м-р Марјан Гијовски, раководител на одделението за истражување, меѓународна и домашна соработка.
„Би сакала да ме разберете дека Државниот Архив не е лоциран на соодветно место“ – рече на почетокот директорката Котлар-Трајкова. Таа ја запозна претседателката со лошите услови во коишто функционира оваа важна институција, како и за состојбата на архивската граѓа. „Наместо во сопствен, Државниот Архив е во ист објект, со уште две институции. Освен во поплавата во 2018-тата година, во којашто беше уништен дел од архивската граѓа“, додаде директорката Котлар-Трајкова, „кровот сè уште протекува при секој пообилен дожд“.
„Се согласувам дека не е добро решение Архивот на една држава да дели ист објект со други институции. Дополнително, загрижува фактот дека во прашање е институцијата којашто е чувар и трезор на нашата историска и културна меморија. Блиска ми е логиката Архивот да се врати во својот претходен дом, соодветен за чување на архивски материјал од непроценлива вредност “– рече претседателката.
Архивот располага со повеќе од 1.300 архивски фондови и 27 збирки на документи, збирка од близу 5 милиони микроснимки од архивски материјал, како и околу еден милион микроснимки и 500-тини илјади ксерокопи од истражени материјали во странски архиви, кои опфаќаат податоци дури од XII век.
Во Архивот, исто така, се чува, Евангелието по Апостол Лука, напишано на пергамент на старогрчки јазик, коешто датира од 12 век. Во Државниот архив се наоѓаат кадијските списи и други документи од Османлискиот период, вредни материјали од уставотворен карактер, како и архивски фондови од нашата дијаспора и од стари познати македонски фамилии со драгоцени информации за културното, историското и социјалното наследство на Македонија.
Директорката Котлар-Трајкова истакна дека нивна цел е Архивот да прерасне во научно-истражувачки центар. „Не сакаме да нè доживуваат како антикварница и писарница“, заклучи таа.
На средбата, претставниците на Државниот архив изразија желба да имаат член во Советот за дијаспора, со што, претседателката се согласи.
На крајот, тие ја поканија претседателката да присуствува на одбележување на денот на Државниот Архив – 1 април, датумот на којшто институцијата официјално почнала да работи во 1951-та година.