
Ако сакате војна, подготвени сме да се бориме до крај, вака Кина му одговори на американскиот претседател Доналд Трамп на одлуката да воведе царини за кинески стоки поради проблемот со фентанил. Во соопштението објавено на платформата Икс, амбасадата нагласи дека САД треба да пристапат кон решавање на ова прашање преку рамноправни консултации со Кина.
Кинеска амбасада во САД: Ако САД навистина сакаат да го решат проблемот со фентанилот, вистинскиот потег би бил да преговараат со Кина со взаемна почит и еднаквост. Ако војната е она што го сакаат САД – без разлика дали тоа е тарифна војна, трговска војна или кој било друг вид на конфликт – ние сме подготвени да се бориме до крај.
Реагираше и премиерот на Онтарио Даг Форд кој изјави дека е подготвен да престане да извезува струја во САД „со насмевка на лицето“. Неговата изјава доаѓа како одговор на царините од 25% кои американскиот претседател Доналд Трамп ги објави за увоз на својот северен сосед заедно со царини за увозот од Мексико и 20% царини за увозот од Кина.
Даг Форд- премиер на Онтарио:
– Доколку сакаат да се обидат да го уништат Онтарио, јас ќе направам сè, вклучително и прекинување на нивното снабдување со енергија и ќе го сторам тоа со насмевка на лицето. Тие зависат од нашата енергија.
И додека светот реагира на санкциите на САД и возвраќа жестокот Украина веќе ги чувствува последиците од прекинот на американската помош. Полскиот премиер Доналд Туск кажа дека извештаите од јужна Полска потврдуваат дека американската помош за Украина е прекината. Од другатсрана претседателот на Белорусија Лукашенко позитивно ги оцени напорите на Доналд Трамп за запирање на војната во Украина, истакнувајќи дека тој „веќе презема конкретни чекори за нејзино завршување“. Лукашенко предложи мировните преговори за Украина да се одржат во Минск, со учество на американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Лидерите на земјите-членки на Европската Унија пак утре ќе се соберат на вонреден самит за да разговараат за зајакнување на одбранбените капацитети и помош за Украина. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во поканата до лидерите напиша дека би сакал тие да ги донесат првите краткорочни одлуки за да ја направат Европа посуверена, поспособна и поподготвена за соочување со непосредните и идните предизвици за нејзината безбедност.