Skip to main content

Разговор со писателката и преведувачка Калина Малеска во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје

В среда (5 март) во 19 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи разговор со писателката и преведувачка Калина Малеска. Романот „Светот што го избрав“ на Малеска е книга за месец март во сите библиотеки од мрежата на ГБСК и дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“.

Модератор на разговорот е Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Романот на Калина Малеска ја сугерира женската визура во гледањето на светот и ја актуализира еманципацијата на женското авторство во современата македонска проза… „Светот што го избрав“ се гради како еден хронотоп на куќата и тоа замислена како вертикално битие обезбедено со поларитетот на визбата т.е. подрумот, која соодветствува на несвесното и таванот, кој одговара на духовното воздигнување – ќе запише Весна Мојсова Чепишевска.

Калина Малеска е авторка на три збирки раскази: Недоразбирања (Македонска книга 1998), Именување на инсектот (Слово 2008), Мојот непријател Итар Пејо (Или-Или 2016) и Скопје во високата зона (Или-Или 2021), романите Бруно и боите (Слово 2006) и Призраци со срмени нишки (Слово 2014), драмата Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија (Слово 2010), книгите за деца Арно ама (Или-Или 2018) и Вонземјанинот Лу-Ру-Су (Или-Или 2021), книжевните студии Облици на моќ во современата книжевност (Или-Или 2020) и Визија, трансформација: Утопии, дистопии и други замислени светови (Филолошки факултет „Блаже Конески“ 2023), како и уредник и коавтор на студијата Кон-текстот: дигитални осврти (самостојно издание 2023). Малеска е професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија, a се занимава и со книжевен превод.

Настанот е дел од Скопје 2028 – европска престолнина на културата.

Поврзани вести