Skip to main content

Светот се менува и ние мора да го фатиме чекорот, вели Мицкоски

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на седницата на Собранието посветена на пратенички прашања ги коментираше своите посети на Вашингтон и Минхенската конференција. Тој истакна дека во периодот се остварени низа контакти и тие контакти ќе се продлабочуваат, а Македонија мора да го фати чекорот со промените кои се случуваат во светот. Тој посебно се осврна на Минхенската безбедносна конференција и говорот на американскиот потпретседател Венс, за кој оцени дека е историски.

„Според мене, говорот на потпретседателот Џеј Ди Венс беше инспиративен историски говор. Сакале ние да признаеме или не, тој говор, а и настаните кои следат, ќе го сменат светот. Дали на некој тоа му се допаѓа или не му се допаѓа, дали тие промени ќе бидат по теркот на очекувањата на поединци или не, не знам, но останува фактот дека светот менува. Новата американска администрација е предводник на тие промени. Наеднаш немаме офанзивна реторика во светот, без разлика дали станува збор за Украина, Израел, Газа, Блискиот Исток, други конфликти, гледаме дека реториката која сите сега ја прифаќаат и која е предвесник на тие промени, е мир. Така не беше до пред неколку месеци“, рече Мицкоски и посочи дека предолго време светот е заложник на двојни стандарди и на правилото големите прават што можат, а малите што мораат бидејќи долго време поединци беа безгласни и молчеливи, чекајќи милост.

Мицкоски истакна дека потпретседателот Венс на Минхенската конференција на многу едноставен начин кажа дека не можеме да зборуваме за заеднички споделени вредности кога има двојни стандарди.

„Нас ни е потребно еднаш за секогаш да се соочиме за вистината и со реалноста, да најдеме решение и да одиме напред. Тоа беше главната порака која ја кажа и според мене, оваа година Минхенската конференција беше токму таква. Понатаму да зборуваме отворено, следниот ден присуствував на обраќањето на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој многу точно и прецизно рече, “да формираме заеднички безбедносни воени сили кои што ќе ја штитат границата на источното крило на Европа“. Не слушнав некој од публиката да рече ние даваме 10 илјадни војници. Никој не рече, ниту пак тие што претходниот ден негодуваа на реториката на потпретседателот Венс. Ниту пак кога зборувавме за обединување на Европа, не слушнав некој да рече во ред Европа ги отвора вратите. Не мора ние Македонија, еве ние имаме билатерални проблеми, еве на Украина да ѝ речеа повелете дојдете ве примаме сега во моментот“, рече Мицкоски и дополни: „светот се менува и ние мора да го фатиме чекорот со тоа како малку броен народ“.

Поврзани вести