Skip to main content

Комитетот за национални малцинства објави текстови со фотографии за македонските народни носии во Мала Преспа и Голо Брдо

Комитетот за национални малцинства, што е орган на албанската влада, во кој членуваат по еден претставник на признатите малцинства,  објави текстови со фотографии за македонските народни носии во Мала Преспа и Голо Брдо.

Преспа е регион кој низ вековите бил раскрсница на различни култури и традиции, но македонската народна носија од овој крај остана единствен белег на македонскиот народ, стои во објавата на официјалната страна на Фејсбук.

Во оваа област, се додава дека се издвојуваат два вида народна облека, секоја со различни стилски и естетски карактеристики. Првата од Долна Преспа е доминантна во повеќето села од општина Пустец, Глобочани, Шулин, Пустец, Леска, Зрноско, Церје како и Горна и Долна Горица. Втората носија е од Горна Преспа, која е уникатна само за селото Туминец.

Потоа во објавата се објаснуваат елементите кои ја сочинуваат македонската женска и машка народна носија. 

Народните носии во Преспа се важен дел од секојдневниот и празничен живот на Македонците, од свадби и крштевки до големи верски и национални празници. Секој вез, секој мотив, секој детал од оваа облека ја раскажува приказната за нивните предци и го чува споменот на генерациите кои го живееле и го чувале ова богато културно наследство, се наведува во објавата.

Во објавата „македонски народни носии во областа Голо Брдо“, се оценува дека населението е компактно и од територијален, јазичен и културен аспект и оти, како и во Мала Преспа, носиите се дел од секојдневниот и празничен живот на Македонците во ова област.

Оваа област е малцинска, таму живее вистинско македонско малцинство. Традиционалното македонската народна носија во Голоборда може да се најде во повеќе модели, карактеристика што се среќава и при различни студии направени на оваа област. Македонците во Голо Брдо ја сочувале својата традиционална облека, се оценува во објавата, во која се наведуваат каратеристките на машката и женската народна носија.

Познатите македонски активисти Васил Стерјовски и Никола Ѓурѓај имаат објавено брошурки за народните носии на Мала Преспа, односно Голо Брдо.

Тие меѓу друго оценуваат дека секој вез, секој мотив, секој детал од овие носии носи приказна, ја раскажува историјата на нивните предци и ја чува меморијата на генерации кои го живееле, го зачувале и како светост го чуваат ова богато културно наследство за иднината.

Поврзани вести