
Новото истражување покажа дека зголемениот внес на ниацин (витамин Б3) може да ја намали веројатноста за појава на камења во бубрезите.
Оваа студија ја истражила поврзаноста помеѓу исхраната богата со ниацин и инциденцата на камења во бубрезите, што ја отвори можноста за уште една превентивна стратегија против оваа болна состојба.
Истражувачите ги анализирале податоците од „National Health“ и „Nutrition Examination Survey“ (NHANES), собрани помеѓу 2007 и 2018 година. Студијата опфатила 28.508 испитаници со просечна возраст од 47 години, а податоците за исхраната биле собрани преку 24-часовна евиденција на внесот на храна. Учесниците, исто така, одговорија на прашања за нивната историја на бубрежни камења.
Биле користени напредни статистички методи за да се испита можната поврзаност помеѓу внесот на ниацин и инциденцата на камења во бубрезите, пренесе „EatingWell“.
Испитаниците кои консумирале најголеми количества на ниацин имале 22 отсто помал ризик од развој на бубрежни камења
Анализата на податоците покажала дека луѓето со камења во бубрезите се почесто мажи, постари лица, луѓе со повисоки приходи, пушачи и луѓе со висок крвен притисок или дијабетес. Исто така, забележано е дека луѓето кои консумирале помалку ниацин имале поголем ризик од развој на камења во бубрезите.
Оние кои консумирале најголеми количества ниацин имале 22 отсто помал ризик од развој на камења, а овој ефект бил особено изразен кај луѓето помлади од 60 години. Истражувачите претпоставуваат дека антиоксидантните и антиинфламаторните својства на ниацинот можат да играат важна улога во намалувањето на формирањето на кристали на калциум, кои се честа причина за камења во бубрезите.
Иако наодите изгледаат ветувачки, научниците истакнаа дека не може со сигурност да се каже дека ниацинот е директна причина за намалениот ризик. Други фактори како што се хидратацијата, генетиката и здравствената состојба на испитаниците можеле да влијаат на резултатите. Сепак, зголемениот внес на ниацинот преку исхраната може да биде еден од начините за намалување на ризикот. Храната богата со ниацин вклучува пилешки гради, туна, мисирка, кикиритки, печурки, кафеав ориз и лосос.
Меѓутоа пред да се одлучите за консумирање додатоци во исхраната, се препорачува да се консултирате со лекар.