
Првиот вицепремиер Изет Меџити најави дека во текот на една година владеење ќе бидат вработени меѓу 2.000 и 3.000 Албанци во државната и јавната администрација. Оваа заложба, според него, е значително поголема од досегашните вработувања реализирани од другите албански политички партии во претходните влади.
„За една година ќе направиме онолку вработувања колку што тие направија за два мандати, осум години во Владата. Ќе бидат стотици, ако не и 2-3 илјади Албанци во администрацијата и насекаде каде што има потреба од обновување на работни места. Со тоа ќе се елиминира една од пречките за нашите граѓани, за да не заминуваат во странство и да ја градат својата иднина тука“, изјави Меџити на партиски настан во Шуто Оризари.
Меџити, кој моментално ја извршува и функцијата министер за животна средина и просторно планирање, беше долгогодишен член на ДУИ, во чии редови беше и пратеник и градоначалник на Чаир. Во 2023 година ја напушти партијата и формираше свое политичко движење – Демократско движење, кое како дел од коалицијата Влен стана владејачка партија по минатогодишните избори.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, ја оцени изјавата на вицепремиерот Изет Меџити за масовни вработувања во јавната администрација како „предизборен популизам“ без правна основа. Минчев потенцира дека вработувањата во јавниот сектор се вршат исклучиво според законските процедури и потребите на институциите.
– Изјавата на вицепремиерот Меџити на партиски настан за масовни вработувања во јавната администрација во период од една година е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа – изјави Минчев.
Тој додаде дека сите вработувања во јавниот сектор се спроведуваат во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници, а не врз основа на партиски ветувања или политички притисоци.
– Јасно и недвосмислено потенцирам дека сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции. Политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите за создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација – истакна министерот.
Минчев нагласи дека Министерството за јавна администрација е цврсто посветено на почитување на мерит системот, при што критериумите за вработување и унапредување се базираат на компетентност, стручност и професионална подготвеност, а не на етничка или политичка припадност.
– Јавниот сектор не е предизборен пазар каде што се раздаваат работни места во замена за политичка поддршка. Граѓаните на Република Македонија заслужуваат институции кои работат професионално и транспарентно, а не администрација изградена врз база на популистички ветувања – додаде тој.
На крајот, Минчев апелираше за одговорност и реален пристап кон јавните политики, повикувајќи ги политичките субјекти да се воздржат од нереални ветувања кои служат само за собирање политички поени во пресрет на изборите.