Индонезија денеска започна програма за бесплатен лекарски преглед за 60 милиони луѓе, и тоа е предизборно ветување на претседателот Прабово Субијанто.
Индонезијците од сите возрасти сега можат да имаат корист од годишните прегледи насочени кон рано откривање на кардиоваскуларни болести, вродени нарушувања кај децата и други состојби, соопштија здравствените власти.
Програмата е едно од неколкуте ветувања за социјална заштита дадени за време на предизборната кампања на Субијанто. Тоа е дополнување на програмата за бесплатни оброци за борба против заостанувањето во развојот предизвикано од неисхранетост, која е покрената во јануари.
Според медицинската програма, децата до шест години и возрасните на 18 и повеќе години ќе имаат пристап до бесплатен годишен лекарски преглед, во рок од 30 дена од датумот на нивното раѓање.
Учениците на возраст од 7 до 17 години ќе имаат бесплатен лекарски преглед во училиштата.
Се очекува постепено сите граѓани на Индонезија, приближно 280 милиони, да можат да имаат корист од програмата за бесплатен лекарски преглед.
Индонезија веќе нуди бесплатна здравствена заштита. Државата финансира хоспитализација на сиромашните граѓани и лекување кај лекари, но тоа не ги вклучува годишните прегледи.
Владата одвои 4,7 трилиони рупии (278 милиони евра) во државниот буџет за 2025 година за финансирање на оваа програма, соопшти претседателската палата.
Според податоците на Министерството за здравство во 2023 година, мозочниот удар е водечка причина за смрт во Индонезија, а по него следи срцевиот удар.