![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/policija-kontroli-3.jpg)
ЗЕЛС едногласно ја усвои Иницијативата предложена од Општина Центар за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа за малолетни сторители на вандализам.
– Вандализмот зема замав во сите општини и е сериозен проблем што бара итна реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со соодветни мерки, а одговорноста ја делат и нивните родители – истакна градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците.
Се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку заедничка општокорисна работа.
За спроведување на иницијативата ќе се формира стручна работна група составена од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации. Целта е да се креираат ефикасни законски решенија и да се спречат потешки последици од ваквите негативни појави.