Во Јужна Африка до крајот на месецот ќе биде објавен список на осудени сексуални престапници и сторители на родово засновано насилство, како дел од борбата против фемицидот.
Партијата Боса е иницијатор и ја водеше кампањата за јавно објавување на Национален регистар на сексуални престапници.
Привремениот портпарол на Боса, Роџер Соломонс потегот на јужноафриканските власти го оцени како значителен чекор во борбата против родово засновано насилство.
Објавувањето на Национален регистар на сексуални престапници несомнено ќе биде силно одвраќање за потенцијалните престапници, обезбедувајќи дека оние кои ги кршат правата и достоинството на другите не можат повеќе да останат скриени во сенка. Мораме да знаеме кои се прекршителите, оние кои слободно шетаат по нашите улици, влегуваат на нашите работни места и се инфилтрираат во нашите домови, честопати загрозувајќи ги нашите деца. Со објавување на нивните имиња и фотографии, ќе ја зголемиме јавната свест и безбедност, наведе Соломонс.
Тој додаде дека регистарот ќе ја зајакне будноста на заедницата, со што ќе им олесни на поединците и организациите да заземат став и да пријават случаи на злоупотреба.
Во финансиската 2022/23 година речиси 53,500 Јужноафриканци пријавиле дека биле жртви на сексуално насилство, при што околу 80 проценти од случаите биле силување, а речиси 7,500 биле сексуални напади.
Во последната деценија пријавени се 60,900 сексуални злосторства.