Skip to main content

Кумановка измамена за 30.000 евра за наводна сообраќајна несреќа

Уште еден случај на измама за наводна сообраќајна несреќа регистрира кумановската полиција. Вчера 65 годишна жена пријавила дека била измама за сума од 30.000 евра. И нејзе како и во претходните случаи и се јавило лице кое се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзина ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете мигрант и ѝ побарало пари за да не ја гонат кривично.

-Вчера во 14:30 часот, 65 годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 30.000 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник ја известило дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант и ќе треба да плати одредена сума на пари за да не ја гонат кривично. Како што е пријавено, таа ги однела парите на договореното место, а подоцна се слушнала со нејзината ќерка и сфатила дека е измамена, соопшти полицијата, која презема мерки за расчистување на случајот.

Завчера во СВР Куманово биле пријавени три случаи на измама, во кои две лица платиле 4.000 евра, едниот од кумановците се посомневал и пријавил во полицијата без да плати. Жртви на измамата била 66 годишна жена која платила 2.500 евра и уште еден повозрасен кумановец 83 годишен кој платил 100.000 денари. Во сите три случаи, лицето се претставувало како полициски службеник, ги информирал дека нивни блиски членови на семејство, синови или ќерки направиле сообраќајна несреќа во која наводно било прегазен дете мигрант, по што барале пари за да не го гонат кривично.

Лани на подрачјето на СВР Куманово биле регистрирани две измами со сообраќајни незгоди. Според пријавите, сторителите се јавуваат на телефон, при што со лажно прикажување на факти ги доведуваат во заблуда граѓаните дека член од нивното семејство имал сообраќајна незгода и дека потребна одредена сума на пари за да се изврши операција или да не бидат кривично гонети.

-Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сторителите на измамите, соопштија од СВР Куманово. 

Поврзани вести