
Почина Мојсо Мојсовски, долгогодишен новинар и уредник, човек кој речиси целиот свој професионален живот го посвети на Македонското радио, оставајќи длабока трага во неговата историја и во македонското новинарство.
Роден на 8 септември 1948 година во Скопје, Мојсовски уште од почетокот на неговата професионална кариера, беше дел од Македонското радио во текот на својот работен век, извршувајќи повеќе одговорни функции. Особено ќе остане запаметен како уредник на дескот, но и како уредник и водител на Пладневниот радио весник, една од препознатливите информативни емисии на Македонското радио. Со својот професионализам, новинарско искуство и посветеност на работата, беше дел од новинарскиот идентитет на Радиото и од секојдневието на многу слушатели.
Професионалниот пат го однесе и во македонската редакција на Дојче веле, каде што исто така го вложи своето новинарско знаење и искуство.
Но Мојсовски не беше само новинар. Беше и ментор, колега и учител. За многу генерации помлади новинари, редакцијата беше место во кое од него се учеше не само како се подготвуваат и водат вести, туку и што значат професионалната одговорност, точноста, посветеноста и почитта кон новинарската професија.
Неговата љубов кон Скопје беше уште едно важно обележје на неговиот живот. Како човек длабоко приврзан за родниот град, автор е на неколку изданија на својата книга посветена на Скопје, во која низ лични сеќавања и реминисценции ги бележеше неговите некогашни ликови, улици, дух и промени низ времето. Тоа беше негов начин да го зачува градот што го паметеше и го сакаше, но и да го доближи до оние што не го доживеале таков.
Долги години беше активен и во Одборот на скопските бадникари, потврдувајќи ја својата приврзаност кон традицијата, градот и скопјани.
Со заминувањето на Мојсо Мојсовски, Македонското радио губи свој долгогодишен новинар и уредник, а многумина од неговите колеги – човек од кого учеле, со кого работеле и со кого ги споделувале годините поминати во
редакцијата.
Зад него остануваат професионалната трага, спомените на колегите и гласот што со години беше дел од радиото на многу генерации слушатели.
Последното испраќање на Мојсо Мојсовски ќе биде во вторник, 1 декември. Опелото ќе се одржи во капелата во 11 часот, а погребот ќе биде во 12 часот.

Македонски



