Skip to main content
Наташа Јовановска-Поповска, претседателка на Здружението ХАЕ Македонија и членка на Управниот одбор на меѓународната организација HAE International

Пациените со ХАЕ не сакаат само да преживеат напад, сакаат да живеат нормално

Приватна архива / Наташа Јовановска - Поповска: Со навремена дијагноза, терапија, редовно медицинско следење и контрола на болеста, пациентите со ХАЕ можат да имаат нормален животен век

За повеќето луѓе, отокот на лицето или рацете е минлива појава, често поврзана со алергиска реакција. Но, за лицата со хередитарен ангиоедем (ХАЕ), секој нов оток може да значи почеток на повеќедневна борба со силни болки, а доколку ги зафати дишните патишта, и животозагрозувачка состојба. Станува збор за ретка наследна болест чии симптоми често се погрешно дијагностицирани, па пациентите понекогаш со години талкаат низ здравствениот систем пред да ја добијат вистинската дијагноза. Во Македонија денес се регистрирани 26 пациенти, но се претпоставува дека има и недијагностицирани лица. Иако од 2015 година им е достапна специфична терапија, предизвиците не се надминати – од ограничениот избор на лекови и потребата од современа превентивна терапија до нееднаквиот пристап до итна медицинска помош. За тоа како изгледа животот со болест чиј следен напад никогаш не може да се предвиди, разговараме со Наташа Јовановска-Поповска.

ХАЕ е ретка наследна болест, но нејзиното препознавање често доцни. Колку време во просек поминува од првите симптоми до поставувањето на точната дијагноза кај пациентите во Македонија?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: Патот до поставување точна дијагноза на хередитарен ангиоедем може да биде долг и сложен. Иако не располагаме со систематски обработени податоци за просечното време до поставување дијагноза во Македонија, од искуствата на нашите пациенти знаеме дека овој процес може да трае со години.
Во тој период пациентите посетуваат различни специјалисти, се подложуваат на бројни испитувања, примаат несоодветна терапија, а понекогаш се изложени и на непотребни хируршки интервенции.
Јас лично ја добив дијагнозата во 1984 година, на осумгодишна возраст. Но, терапијата за ХАЕ во Македонија стана достапна дури во 2015 година. Тоа значи дека повеќе од три децении живеев со болест за која знаев дека ја имам, но за која немав пристап до соодветен лек во сопствената земја.
Денес состојбата со дијагностицирањето е значително подобрена, особено кај семејствата во кои веќе има член со потврдена дијагноза на ХАЕ. Сепак, најголем предизвик останува препознавањето на болеста кај лицата без претходно дијагностицирани случаи на ХАЕ во семејството.

Кои се најчестите погрешни дијагнози со кои се соочуваат пациентите пред да дознаат дека имаат хередитарен ангиоедем? Дали отокот најчесто се поврзува со алергиска реакција?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: Да, токму алергијата е една од најчестите погрешни дијагнози кај пациентите со ХАЕ. Многу пациенти со години се лекуваат од алергија, иако терапијата што ја примаат не им помага. Причината е во тоа што отоците кај ХАЕ, иако наликуваат на алергиски отоци, имаат сосема поинаков механизам на настанување и бараат поинаков третман.
Особено тешки за препознавање се нападите во стомакот, кои се проследени со силни болки, гадење и повраќање. Познати ни се случаи на пациенти кои, пред да ја добијат точната дијагноза, биле подложени дури и на непотребни хируршки интервенции, бидејќи постоело сомнение за воспаление на слепото црево или за некоја друга акутна состојба.
Замислете колку е фрустрирачки со години да се соочувате со исти здравствени проблеми, да посетувате различни лекари, да примате терапија која не ви помага, а притоа никој да не може да ви даде одговор што навистина ви се случува.
Токму затоа, како здружение, постојано ја нагласуваме важноста на подигнувањето на свеста за ХАЕ. Сакаме и лекарите и пошироката јавност да знаат дека не секој оток е алергија и дека зад повторливите, необјасниви отоци или силни болки во стомакот може да се крие хередитарен ангиоедем.

Сакаме и лекарите и пошироката јавност да знаат дека не секој оток е алергија и дека зад повторливите, необјасниви отоци или силни болки во стомакот може да се крие хередитарен ангиоедем, вели Наташа Јовановска – Поповска / Фото: Приватна архива

Дали во Македонија постои доволна информираност меѓу матичните лекари и лекарите од ургентните центри за тоа како да препознаат напад на ХАЕ?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: Информираноста е значително поголема отколку пред десетина години, но сè уште не можеме да кажеме дека е на задоволително ниво.
Бидејќи ХАЕ е ретка болест, сосема е можно еден лекар во текот на целата своја професионална кариера да не се сретне со пациент со хередитарен ангиоедем. Не очекуваме секој лекар да биде експерт за ХАЕ, но очекуваме да знае кога да се посомнева дека станува збор за ХАЕ и како да постапи кога пред себе има пациент со веќе потврдена дијагноза.
Особено е важно тоа во службите за итна медицинска помош и во ургентните центри, каде што при напад на дишните патишта времето е од пресудно значење. На пример, доколку пациент со ХАЕ се јави во служба за итна медицинска помош со оток на грлото, тој во никој случај не смее да биде вратен. Неопходно е веднаш да му се укаже медицинска помош и да му се администрира специфичната терапија, која пациентите вообичаено ја носат со себе. Одбивањето да му се укаже медицинска помош на пациент во ваква состојба може да има сериозни, па дури и фатални последици.
Како здружение, континуирано работиме на подигнување на свеста, не само кај општата јавност, туку и кај медицинската заедница. Во изминатите години организиравме медицински предавања и ХАЕ каравани во повеќе градови низ Македонија, како и предавања наменети конкретно за вработените во службите за итна медицинска помош. Во моментов работиме и на дистрибуција на едукативни материјали и постери наменети за ургентните центри, кои содржат информации за препознавање и соодветно третирање на нападите на ХАЕ.

Еден од најголемите проблеми кај ХАЕ е непредвидливоста на нападите. Како изгледа секојдневието на човек кој никогаш не знае кога може да добие оток, колку ќе трае и дали ќе биде опасен по живот?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: Непредвидливоста е можеби еден од најтешките аспекти на живеењето со хередитарен ангиоедем.
ХАЕ не е болест со која живеете само во моментите кога имате напад. Со неа живеете и помеѓу нападите, бидејќи неизвесноста е постојано присутна. Можете да се разбудите сосема добро, да имате испланиран работен ден, семејна прослава, патување или важен состанок, а само неколку часа подоцна да бидете целосно онеспособени поради напад.
Отокот на рацете може да ве спречи да ги извршувате и наједноставните секојдневни активности, отокот на стапалата да ве оневозможи да се движите, отокот на лицето да ве натера да се повлечете од социјалниот живот, додека нападите во стомакот можат да бидат исклучително болни. Без соодветна терапија, овие напади можат да траат и по неколку дена. Но, најголем страв кај пациентите предизвикува можноста за оток на грлото, кој може директно да го загрози нивниот живот.
Покрај физичките симптоми, тука е и психолошкиот товар. Постојано размислувате дали имате доволно терапија, дали ќе можете навреме да ја примите, каде е најблиската болница и што ќе се случи ако добиете напад додека сте сами.
Токму затоа, кога зборуваме за успешното лекување на ХАЕ, не треба да зборуваме само за прекинување на нападите, туку и за ослободување на пациентот од постојаниот страв од следниот напад.

Посебно опасни се отоците на дишните патишта, кои можат да доведат до задушување. Дали пациентите во Македонија се доволно подготвени за ваква итна ситуација?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: Пациентите кои подолго време живеат со ХАЕ генерално се добро информирани за опасноста од ваквите напади. Достапноста на терапијата за лекување на акутните напади во Македонија, како и можноста за нејзина примена во домашни услови, претставуваат значаен напредок во безбедноста и квалитетот на животот на пациентите.
Отокот на горните дишни патишта е потенцијално животозагрозувачка состојба која бара итна примена на специфична терапија и неодложна медицинска помош.
Меѓународните препораки предвидуваат пациентите во секое време да имаат со себе доволно терапија за лекување на најмалку два напада, како и да бидат обучени за самостојна примена на терапијата кога тоа е возможно.
Како здружение, активно се залагавме за можноста за лекување во домашни услови (home treatment), бидејќи тоа им овозможува на пациентите навремено да реагираат при појава на напад. Сепак, не сите пациенти се во можност самостојно да ја применат терапијата, а дури и оние кои се обучени за тоа може да се најдат во ситуација во која им е потребна помош од медицинско лице.
Можноста за домашно лекување не смее да биде причина пациентот да биде одбиен кога ќе побара медицинска помош. На пациентите кои не се во можност самостојно да ја применат терапијата мора да им се обезбеди навремена и соодветна медицинска грижа.
Безбедноста на пациентите во вакви ситуации зависи како од нивната информираност и едукација, така и од функционалноста на здравствениот систем.

Наташа Јовановска – Поповска: Кога зборуваме за успешното лекување на ХАЕ, не треба да зборуваме само за прекинување на нападите, туку и за ослободување на пациентот од постојаниот страв од следниот напад / фото: Приватна архива

Каква е моменталната состојба со достапноста на терапијата за ХАЕ во Македонија? Дали сите дијагностицирани пациенти имаат пристап до соодветни лекови?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: Во 2015 година, по долгогодишни заложби, пациентите со ХАЕ во Македонија конечно добија пристап до соодветната терапија. Тоа беше огромен чекор напред и пресвртница во животот на нашите пациенти. Оттогаш е постигнат дополнителен напредок, особено во поглед на можноста за лекување во домашни услови, како и обезбедувањето превентивна терапија за дел од децата со ХАЕ.
Иако во Македонија е достапна специфична терапија за лекување на акутните напади, изборот на терапевтски опции сè уште е ограничен.
Истовремено, медицината во изминатата деценија значително напредуваше, а со тоа се променија и стандардите за лекување на ХАЕ.
Денес, покрај терапиите за лекување на акутните напади, во светот постојат и современи превентивни терапии кои можат значително да ја намалат зачестеноста на нападите, а кај одредени пациенти да овозможат и долги периоди без ниту еден напад.
Еден од нашите приоритети како здружение е проширување на терапевтските можности во Македонија, особено во однос на современата долгорочна превентивна терапија, како и обезбедување континуиран и навремен пристап до соодветна терапија за сите пациенти.
Не сите пациенти имаат исти потреби. Некои имаат ретки напади, додека други се соочуваат со повеќе напади месечно. Токму затоа е важно да се создадат услови за индивидуализиран пристап кон лекувањето, во согласност со современите меѓународни препораки.
Во тој контекст, како здружение ги поттикнуваме пациентите да ја користат бесплатната апликација HAE TrackR, развиена од меѓународната организација HAE International. Таа им овозможува да водат евиденција за нападите, применетата терапија и влијанието на болеста врз нивното секојдневие. Овие податоци пациентите можат да ги споделат со својот лекар, со што се создава подобра основа за заедничко донесување одлуки за понатамошното лекување.
Се надеваме дека преку продолжување на соработката со надлежните институции и медицинската заедница ќе успееме дополнително да го унапредиме квалитетот на здравствената грижа за пациентите со ХАЕ во Македонија.

Јовановска – Поповска: Еден од нашите приоритети како здружение е проширување на терапевтските можности во Македонија / фото: Приватна архива

Како ХАЕ влијае врз децата и младите? Дали родителите често живеат во страв дека и нивните деца ќе ја наследат болеста и како се справуваат со таа неизвесност?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: ХАЕ може значително да влијае врз детството и адолесценцијата, не само од физички, туку и од психолошки и социјален аспект. Поради непредвидливоста на нападите, децата можат да пропуштаат часови, екскурзии, родендени, спортски активности и други важни моменти од детството.
Особено чувствителен е периодот на адолесценцијата, кога прифатеноста од врсниците е многу важна. Видливите отоци, особено оние на лицето, можат да влијаат врз самодовербата на младите, а кај некои од нив да доведат и до повлекување од социјалниот живот. Не сите деца се чувствуваат подготвени отворено да зборуваат за својата здравствена состојба и важно е да се почитува нивната приватност.
Што се однесува до родителите, кај најчестите наследни форми на ХАЕ, доколку едниот родител ја има болеста, при секоја бременост постои 50 проценти веројатност детето да ја наследи. Таа неизвесност кај многу родители е присутна уште во текот на бременоста. Особено е тешко кога од сопствено искуство знаете низ што потенцијално може да помине вашето дете. Покрај стравот, кај некои родители се јавува и чувство на вина, иако се свесни дека генетското наследување е нешто врз кое не можат да влијаат.
За родителите на деца со ХАЕ, еден од најголемите предизвици е да најдат рамнотежа помеѓу потребата да го заштитат своето дете и желбата да му овозможат безгрижно детство. Навремената дијагноза, едукацијата, поддршката од други семејства со ХАЕ и, пред сè, сигурниот пристап до терапија можат значително да го намалат тој страв.
Токму искуството со едно дете беше и поттикот за формирање на нашето здружение. Кога мојот внук Огнен имаше само три години и лежеше со болки поради напад на стомакот, во време кога во Македонија немавме специфична терапија за ХАЕ, мојата сестра, Верче Јовановска-Јанковска, започна да бара помош преку меѓународни контакти. Оттаму започна и нашата организирана борба за обезбедување терапија во Македонија, со желба идните генерации да имаат поинакво детство од нашето.
Неколку години подоцна, откако терапијата стана достапна, Огнен требаше да учествува на спортската манифестација „Охрид трчаТ“. Утрото доби напад на стомакот и првичната одлука беше да не учествува. Меѓутоа, по примањето на терапијата и подобрувањето на неговата состојба, тој инсистираше да учествува и успеа да истрча пет километри. Тој ден беше прогласен за херој на денот во охридските медиуми.
За мене, ова е прекрасен пример за тоа колкава разлика може да направи соодветната терапија, не само во животот на едно дете, туку и во животот на целото семејство.
Нашата цел не е децата да научат да живеат со ограничувањата што им ги наметнува ХАЕ, туку тие ограничувања да бидат сведени на минимум. Сакаме да растат со истите можности како и нивните врсници, слободно да сонуваат и да ги остваруваат своите амбиции, а родителите да имаат доволно сигурност за да им ја овозможат таа слобода.

Колку пациенти со ХАЕ се регистрирани во Македонија? Дали сметате дека има и недијагностицирани лица кои живеат со симптоми, но не знаат од што боледуваат?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: Според податоците со кои располагаме како здружение, во Македонија има 26 дијагностицирани пациенти со хередитарен ангиоедем.
Според најчесто цитираните процени, ХАЕ се јавува кај приближно едно на 50.000 лица, па сосема е реално да претпоставиме дека во Македонија има и лица кои сè уште не се дијагностицирани.
Дополнително, кај некои од пациентите со најчестите форми на ХАЕ нема претходна семејна историја на болеста, бидејќи таа може да биде резултат на нова генетска мутација. Токму овие пациенти можат да бидат особено тешки за препознавање.
Не треба да се занемари ниту улогата на стигмата. Во нашата долгогодишна работа како здружение сме се соочиле и со случаи во кои, и покрај постоењето индикации за ХАЕ, одредени лица одбиваат да се тестираат себеси или своите деца поради страв од осуда и неприфаќање од средината. За жал, стравот од тоа како ќе бидат перципирани во општеството понекогаш претставува пречка за навремено поставување на дијагнозата.
Токму затоа, покрај подигнувањето на свеста за симптомите на болеста, особено е важно да работиме и на намалување на стигмата поврзана со ретките и наследните болести. Никој не треба да се чувствува помалку вреден или да стравува дека ќе биде поинаку третиран поради својата здравствена состојба.
Со таа цел, годинава како здружение го создадовме краткиот едукативен анимиран филм „Што ѝ е на Лили?“, кој на едноставен и разбирлив начин ја доближува болеста до пошироката јавност, особено до децата и младите. Преку приказната на Лили сакаме да придонесеме не само за подобро препознавање на симптомите на ХАЕ, туку и за развивање емпатија, разбирање и прифаќање на лицата кои живеат со оваа болест.
Анимираниот филм Што ѝ е на Лили? е достапен на YouTube.
Апелираме до сите лица кои имаат повторливи, необјасниви отоци или силни абдоминални болки за кои не е утврдена причината, особено ако отоците не реагираат на антиалергиска терапија, да разговараат со својот лекар за можноста за дополнителни испитувања.
Исто така, особено е важно членовите на семејствата во кои веќе има дијагностициран пациент со ХАЕ да се консултираат со лекар за тестирање, дури и доколку досега немале симптоми. Навремената дијагноза буквално може да спаси живот.

Јовановска – Поповска: Особено е важно членовите на семејствата во кои веќе има дијагностициран пациент со ХАЕ да се консултираат со лекар за тестирање / фото: Приватна архива

Колку е важно Македонија да има национален регистар на пациенти со ХАЕ и јасно дефиниран протокол за нивно лекување?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: И двете се од исклучително значење за системски и одржлив пристап кон лекувањето на болеста.
Во Македонија веќе постои регистар на пациенти со ретки болести, а од нашето досегашно искуство како здружение, можеме да кажеме дека при регистрирањето на новодијагностицираните пациенти со ХАЕ се реагира прилично брзо, што секако е за поздравување.
Постоењето на функционален и редовно ажуриран регистар е особено важно за следење на состојбата и потребите на пациентите, како и за соодветно планирање на набавките на лекови и на буџетот за нивното лекување.
Во тек е и изработката на национални протоколи за лекување на ХАЕ, што претставува уште еден значаен чекор напред во унапредувањето на здравствената грижа за пациентите.
Јасно дефинираните протоколи се важни за обезбедување стандардизиран пристап кон дијагностицирањето, третирањето на акутните напади, краткорочната и долгорочната профилакса, како и самостојното администрирање на терапијата. Особено е важно протоколите да бидат усогласени со современите меѓународни препораки и редовно да се ажурираат, следејќи го напредокот на медицината.
Крајната цел е да се обезбеди еднаков пристап до навремена и соодветна здравствена грижа за секој пациент со ХАЕ.

Ако треба да издвоите еден проблем што итно мора да се реши за пациентите со ХАЕ во Македонија, кој би бил тој?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: Обезбедување континуиран и сигурен пристап до соодветна терапија и навремена медицинска грижа за секој пациент со ХАЕ, во согласност со современите меѓународни стандарди за лекување.
Тоа подразбира не само доволно терапија за лекување на акутните напади, туку и пристап до современа долгорочна превентивна терапија за пациентите на кои таа им е потребна.
Особено загрижувачка е состојбата на пациентите кои живеат во руралните и пооддалечените средини во Македонија. На дел од нив им е потребно значително време за да стигнат до најблиската здравствена установа. Од искуствата на нашите пациенти знаеме дека, дури и по таквото патување, се случува да бидат вратени со образложение дека нивната состојба не е итна. Кај ХАЕ, одложувањето на лекувањето може да доведе до напредување на нападот и сериозни последици. Местото на живеење на пациентот не смее да биде пречка за добивање навремена и соодветна медицинска помош.
Денес целта на лекувањето на ХАЕ на глобално ниво е целосна контрола на болеста и нормализирање на животот на пациентите. Истите стандарди на лекување треба да важат и во Македонија.
Ние веќе не зборуваме само за правото на пациентот да преживее еден напад. Зборуваме за неговото право да живее исполнет, продуктивен и достоинствен живот.
Дали пациент со ХАЕ во Македонија може безгрижно да замине на одмор, да патува во странство или да помине неколку дена надвор од местото на живеење, без да се прашува дали ќе има пристап до терапија ако добие напад?
Може да патува, но зборот „безгрижно“ е нешто сосема друго.
За повеќето луѓе подготовката за патување подразбира резервација на сместување, пакување куфер и планирање на активностите. За пациент со ХАЕ, таа подразбира и проверка дали има доволно терапија, како ќе ја транспортира, каде се наоѓа најблиската здравствена установа и дали таму ќе знаат како да постапат доколку добие напад.
Патувањето во странство дополнително може да биде усложнето поради јазичните бариери и различната достапност на лековите во различни земји.
Меѓународната организација HAE International има развиено бесплатна мобилна апликација, HAE Companion, која содржи картички за итни случаи на повеќе јазици и информации за здравствени установи низ светот во кои медицинскиот персонал е запознаен со ХАЕ. Апликацијата е особено корисна за пациентите кои патуваат во странство.
Но, најголемата сигурност сепак ја даваат непосредниот пристап до сопствената терапија и можноста за нејзино самостојно администрирање.
Пациентот не треба да го избира местото каде што ќе оди на одмор според близината на болницата.

фото: Приватна архива

Каде се лекуваат пациентите со ХАЕ во Македонија? Дали се одделни децата со ХАЕ и возрасните со ХАЕ?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: Во Македонија, лекувањето на возрасните пациенти со хередитарен ангиоедем главно се одвива преку Универзитетската клиника за дерматологија во Скопје, додека децата се следат и лекуваат на Универзитетската клиника за детски болести.
Особено е важно да постои добра координација помеѓу овие две установи, вклучително и при преминот на младите пациенти од педијатриска кон здравствена грижа за возрасни.
Централизацијата на специјалистичката здравствена грижа во Скопје претставува дополнителен предизвик за пациентите од внатрешноста на земјата, кои се соочуваат со логистички, временски и финансиски оптоварувања. Затоа е важно лекувањето на акутните напади да биде овозможено и во локалните здравствени установи.
ХАЕ е болест кај која нападите не можат да се закажат однапред. Здравствената грижа мора да биде организирана на начин што ќе овозможи навремено лекување, независно од местото на живеење на пациентот.

Каква е терапијата што ја користат пациентите и дали за ординирање терапија мора да се замине во болница? Ако е така, тоа се губење часови и денови од училиште, губење работни денови…

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: Во Македонија, за лекување на акутните напади се користи концентрат на C1-инхибитор, кој се прима интравенски, односно преку вена. Кај дел од децата со ХАЕ е достапна и превентивна терапија која се прима поткожно.
Интравенската примена на терапијата бара одредена обука и вештина, но тоа не значи дека лекот задолжително мора да се прима во болнички услови. Во многу земји, самостојната примена на терапијата во домашни услови одамна е воспоставена практика, а таа можност денес ја имаме и во Македонија.
Јас лично сум обучена за самостојна интравенска примена на терапијата и од сопствено искуство можам да кажам колкава разлика прави тоа во секојдневниот живот.
Колку порано се третира нападот, толку е поголема можноста да се спречи неговото напредување и да се намали неговото влијание врз секојдневните активности.
Доколку за секој напад пациентот мора да оди во болница, тоа подразбира организирање превоз, патување, чекање и отсуство од работа или училиште. Кај децата, тоа најчесто значи и отсуство од работа на еден од родителите.
Затоа, кога се разгледуваат трошоците за лекување на ХАЕ, не треба да се зема предвид само цената на лекот, туку и индиректните трошоци што произлегуваат од недоволно контролирана болест – изгубените работни денови, отсуствата од училиште, хоспитализациите и намалената продуктивност.
Современото лекување треба да му овозможи на пациентот поголема самостојност и помала зависност од болничките установи.

Дали пациентите со ХАЕ може да имаат долг и квалитетен живот со обезбедена терапија?

ЈОВАНОВСКА – ПОПОВСКА: Апсолутно. И токму тоа е пораката што сакаме да ја пренесеме.
Со навремена дијагноза, соодветна терапија, редовно медицинско следење и добра контрола на болеста, пациентите со ХАЕ можат да имаат нормален животен век и да водат исполнет и продуктивен живот.
Денес постојат пациенти кои, благодарение на современите терапии, со месеци, па и со години живеат без напади. Нешто што за претходните генерации пациенти беше речиси незамисливо.
Пациентите со ХАЕ можат да се образуваат, да градат кариери, да основаат семејства, да патуваат, да спортуваат и да ги остваруваат своите амбиции.
Но, за тоа да стане реалност за сите пациенти, потребно е здравствените системи да го следат напредокот на медицината.
ХАЕ е дел од нашиот живот, но не треба да биде она што го одредува нашиот живот.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива

Поврзани вести