Skip to main content

На чекор до роаминг како дома со ЕУ: Завршен е техничкиот дијалог за приклучување кон европскиот систем

Македонија е првата земја од Западен Балкан што го заврши техничкиот дијалог со Европската комисија за приклучување кон европскиот систем „Роаминг како дома”, соопшти денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел”, во организација на Стопанската комора.

Андоновски посочи дека со последната размена меѓу преговарачките тимови на Македонија и на Европската комисија е потврдено дека се усогласени сите отворени прашања за предложениот текст на договорот.

За граѓаните ова има многу конкретно значење. Кога ќе патуваат во Европската Унија, ќе можат да се јават дома, да испратат порака или да користат мобилен интернет по условите од својот домашен пакет. Со Европската комисија го усогласивме текстот на договорот и како прва земја од регионот ја завршивме техничката фаза. Сега сме чекор поблиску до тоа граѓаните да ја почувствуваат оваа придобивка при секое патување во ЕУ- рече Андоновски.

На Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржа на вчера во Брисел, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Македонија прва во регионот го завршила техничкиот дел од процесот. Тој изрази очекување дека македонските граѓани наскоро ќе можат да ги користат мобилните услуги во земјите членки на ЕУ по домашни тарифи, без дополнителни трошоци за роаминг.

Поврзани вести