
„Моби Дик“, претстава и за деца и за возрасни во режија на гостинот од Србија Дамјан Кецојевиќ премиерно ќе биде прикажана на сцената на Театарот за деца и младинци на вечерва, на 26 ноември во 19 часот. Претставата е наменета за деца над 10 години.
„Моби Дик“ е работена според истоиметниот безвременски роман на Херман Мелвил, еден од капиталните романи на светската книжевност. Актерите во претставата на Кецојевиќ, кој е и автор на сценските движења играат повеќе ликови. Адаптацијата е на Тијана Грумиќ, а драматург е нашата Драгана Лукан Николоски, а автор на музиката е Круме Стефановски.
Претставата е направена на начин да ја вовлече публиката во самото дејство и на младите, а и на повозрасните коишто ќе ја гледаат, да им предизвика низ емпатија со тоа што го гледаат, да ги согледаат последиците на одредено однесување. И мислам дека тоа е една од најдобрите одлики што ги има оваа претстава – една убава комуникација којашто нема да предизвика кај публиката одбивност заради чувството на тоа дека некој надмено ѝ се обраќа, изјави Лукан Николоска.
Во авторскиот тим се уште и сценографот Андреја Рондовиќ и костимографката Александра Лалиќ, а плакатот е на Бранкица Јордановска Николовска.
Во претставата играат: Ана Левајковиќ Бошков, Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Никола Наковски, Ненад Митевски, Петар Стојанов и Симона Спировска.
Првата реприза е во петок, на 27 ноември, во 19 часот на сцената на ТДМ.

Македонски




