Skip to main content

Изложба посветена на порцеланот, чајот и кафето во културата на повоеното Скопје во КИЦ

Изложбата „Тивки ритуали на модерноста – Чај и кафе за новиот град“, посветена на порцеланот, чајот и кафето во културата на повоеното Скопје, ќе биде отворена вечерва во 19 часот, во фоајето на Културно-информативниот центар во Скопје.

Авторки на изложбата се Јасминка Намичева, Екатерина Намичева Тодоровска и Јасмина Дамјановска, а таа е подготвена во соработка на Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ од Скопје и Културно-информативниот центар.

Преку избрани оригинални предмети од индустрискиот дизајн – производи на Фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ од Титов Велес – ќе биде претставен развојот на дизајнот на порцеланските сетови за чај и кафе, создадени од индустриските дизајнери вработени во фабриката во периодот од 1955 до 2003 година.

Изложбата го проследува влијанието на интензивирањето и промените во културата на пиење чај и кафе во повоениот период во Скопје и во земјава. Порцеланските предмети, како што се шолјите, чиниите, чајниците и сервисите, се претставени не само како секојдневни предмети, туку и како сведоштва за времето во кое настанале.

Поставката го разгледува порцеланот како дел од културата на живеење и како посредник меѓу индустријата и домот, дизајнот и секојдневието, општествените промени и личните сеќавања.

Во центарот на изложбата се порцеланските сервиси за чај и кафе произведени во Фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ – Титов Велес. Нивната приказна не завршува во фабриката, туку продолжува во домовите, трпезите и секојдневните ритуали на општеството кое по Втората светска војна забрзано го менувало начинот на живеење.

Изложбата ја следи патеката на предметите – од нивното создавање и употреба до претворањето во сеќавање и трајна културна вредност.

Поставката ќе биде отворена за посетителите до 10 декември 2026 година.

Поврзани вести