
Руските сили доцна синоќа извршија напад со балистички ракети врз украинската престолнина Киев, при што беа погодени трговски центар и уште две згради, а во нападот се повредени четири лица, од кои две се во тешка состојба, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко.
Кличко преку Телеграм соопшти дека нападот сè уште трае и ги повика жителите да останат во засолништата. Според него, погодените објекти се наоѓаат на источниот брег на реката Дњепар, а една од зградите е тешко оштетена.
Сведоци јавуваат за две серии силни експлозии во градот.
Во исто време руските сили извршиле напад и врз Харков, вториот по големина град во Украина, при што се повредени најмалку три лица, соопшти градоначалникот Игор Терехов. Според него, можно е под урнатините да има и затрупани лица.
Руските сили од септември редовно ги напаѓаат Киев и другите украински градови. Претходно неделава, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разузнавачките податоци укажуваат оти руските сили подготвуваат нов голем напад врз Украина.
И Украина и Русија негираат дека гаѓаат цивилни објекти.

Македонски




