Skip to main content

Веднаш да го напуштат Иран: САД со повик до своите граѓани

Американските државјани веднаш да го напуштат Иран и да не патуваат таму под никакви околности, порача Вашингтон во безбедносно предупредување по новите напади на Блискиот Исток. Американските власти предупредуваат дека судирите можат брзо да ескалираат, со последици и за цивилниот сообраќај.

Во пораката на американската виртуелна амбасада за Иран се наведува дека Техеран, јеменските хути и други групи поврзани со Иран можат да нападнат американски граѓани, компании, институции и други интереси во регионот.

Предупредувањето се повикува на ирански напади врз американски објекти во Бахреин и Кувајт, како и на нападите на хутите врз Саудиска Арабија.

Американците што патуваат кон или од Блискиот Исток се повикани да ги следат информациите од авиокомпаниите и аеродромите и да подготват алтернативни планови. Можни се откажувања на летови, затворање на воздушниот простор и ненадејни промени на условите за преминување на копнените граници.

На граѓаните им се советува и да избегнуваат демонстрации и големи собири и да ги следат упатствата на локалните власти.

Предупредувањето доаѓа во услови на нови напади врз саудиската инфраструктура. Според саудиската цивилна заштита, 11 лица биле повредени во вторникот, 24 ноември, при напад врз кула во финансискиот кварт во Ријад.

Хутите денеска соопштија дека ја нападнале и рафинеријата Рас Танура. Нивниот воен портпарол тврдеше дека биле предизвикани пожари, додека коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека противвоздушната одбрана пресретнала и уништила четири дрона во областа.

Иран и натаму е во највисоката, четврта категорија на американското патничко предупредување – „Не патувајте“. Стејт департментот наведува ризици од вооружени напади, киднапирање и произволно притворање американски државјани.

САД немаат амбасада во Иран. Швајцарија ги застапува американските интереси, но можностите за конзуларна помош се ограничени.

Поврзани вести