Skip to main content

„Црно злато“ на Дуковски, а во режија на Унковски е претстава за љубов и разни прашања на идентитетот

„Црно злато“ со поднаслов „Опиум или смрт“, најновиот текст на еден од најизведуваните македонски драматурзи во странство Дејан Дуковски ќе ја доживеее македонската премиера на 27 ноември (петок) во 20 часот на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во режија на Слободан Унковски. Вечерва, во 20 часот е закажана претпремиерата на претставата.

Текстот на Дуковски е работен по мотиви на драмата на Ристо Крле, „Парите се отепувачка“, а како што вели тој, посветен е на големиот писател и драматург Горан Стефановски од кого тој многу научил за животот и за драматургијата. Во текстот на разни места се цитираат разни делови од драмите на Стефановски и на некој начин тоа наследство се меша.

Секој директор на театар би посакал една усшешна година да ја заврши ​со македонски автор и македонски режисер. Замислете ме мене како се чувствувам во моментов кога една успешна година МНТ ја завршува со премиера на новиот текст на Дуковски, а во режија на Унковски. Многу е тешко да се направи нешто што звучи многу едноставно, а е совршено и е прекрасно. Токму таква е претставата на Дуковски и Унковски, вели директрот на националниот театар Никола Кимовски.

„Црно злато“ е десетта претстава на Дуковски која се поставува во МНТ, а петти заеднички проект со Унковски.

Старееме заедно со театарот. Ова е моја петта претстава со Унковски, а за мене секој пат кога работам со професорот е посебно искуство и празник. За мене е важно што оваа претстава се поставува дома, вели драматургот Дуковски, кој најави дека следната соработка со Унковски е претставата „Мајсторот и Маргарита“, драматизација на романот на Михаил Булгаков која ја работи за театарот во Солун, а премиерата се очекува на почетокот на идната година.

Според Унковски, без разлика што „Црно злато“ е базиран на мотиви на „Парите се отепувачка“ на Крле и оттаму се влечат некои нитни, тој е една поширока анализа за идентитетот.

Се обидовме да направиме една претстава која не се бави многу со психологија, повеќе се бави со настани, со динамика, со енергија и со една мала екипа од осум-девет луѓе, вели режисерот Слободан Унковски / Од лево кон десно: Никола Кимовски, Дејан Дуковски, Слободан Унковски

Не за идентитетот како – јас сум Македонец, туку за идентитетот на секој човек од тоа дали е машко, женско или не е ни машко ни женско, нешто трето, па до други работи. Се обидовме да направиме една претстава која не се бави многу со психологија, повеќе се бави со настани, со динамика, со енергија и со една мала екипа од осум-девет луѓе. Се обидовме сите максимално да го отвориме тоа прашање и да ги најдеме можностите одговори за разни видови на љубов, за видови на комуникација и за разни прашања за идентитетот што многу често, за кои многу често се зборува во Македонија, би рекол, многу често и површно“, вели Унковски.

Насловот, тој го поврза со опиумот и парите што ги носел. Како што рече, Македонија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, била значаен производител на опиум познат по својот квалитет.

Јовица Михајловски го толкува ликот на таткото Димитрие, примитивен Балканец и патријахална неука будала, како што вели актерот.

Таткото е еден архетип, за жал се уште вкоренет овде на Балканот, можам да кажам и во регионот, за одбивање на секакви различности и вкоренети сфаќања, традиционални. Мислам дека на Дуковски ова му е најдобар текст. Јас често сум соработувал и сум играл во неговите драми. Многу ми е драго дека овој текст е напишан во базична смисла, со заплет, со приказна со крај. И мислам дека колку повеќе навлегувавме во текстот, само откривавме поголеми и поголеми богатства што ги содржи. И се надевам дека тоа ќе го препознаете, вели Михајловски.

Камка Тоциновски, која го толкува ликот на Ангела, третпат соработува со Унковски и Дуковски, по „Изгубени Германци“ и „Другата страна“.

Ангела не е лесна улога да се износи. Станува збор за повеќеслојна приказна, за испреплетена жанровски претстава. Улогата е емотивно тешка, која што носи многу брзи емотивни промени. Како што вика Ангела во претставата, многу работев на тоа, на сопствениот идентитет. ​Ангела е речиси единственота која што го наоѓа својот идентитет и тука е парадоксот. Тука е трагикомедијата на целата пиеса, значи ако некој знае во што транзитирал, тоа е Ангела. Таа се враќа за да отвори прашања на некои патријархални норми, на многу човечни теми некои како што се разбирање, прифаќање, љубов, фамилија. Што е исто така синоним за распаѓањето на едно општество кое што се наоѓа во вечна транзиција. И има многу современи македонски семејства, поделени се, на пример, мајката поддржува промена на пол, во други семејства таткото, зависи од случај. И тоа се се теми што ќе се се допираат тука, на одреден начин, не едноставен, меѓутоа метафоричен и навистина возбудлив благодарение на Дуковски – вели Тоциновски.

Унковски вели дека е очаен како одиме назад како општество во моралните вредности.

Навистина сум очаен, сега можеби е многу голем збор ама да, од тоа како одиме како општество назад во моралните вредности. Како сѐ што беше некаква придобивка последниве 30 години, 40, во смисла на ослободување на жената и т.н. паѓа и тоа е лошо, вели режисерот Унковски..

Покрај Михајловски и Тоциновски, во претставата играат Мими Таневска, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски и Аксел Мехмет. Сценографијата е на Бранко Хојник, костимографијата на Александар Ношпал, а музиката на Златко Ориѓански. Асистентка на режисерот е Звездана Ангеловска, асистент на сценографот е Мартин Манев, а асистент на костимографот е Никола Булески. Извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен.

Праизведбата на драмата се одржа на 14 март годинава во Београдско драмско позориште, во режија на Оливер Фрљиќ, а македонската публика имаше можност да ја погледне на затворањето на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и во Скопје, во октомври на Фестивалот РУТА во Драмски театар.

По премиерата, „Црно злато“ ќе биде на репертоарот на МНТ на 1, 4 и 29 декември, со почеток во 20 часот. Билетите се достапни преку веб-страницата на МНТ и на билетарницата на театарот.

Поврзани вести