Skip to main content

Данците ја слават како највозрасната личност во земјата: Кирстен Швалбе била истакнат нацист

Фејсбук-објава, фотоисечок

Официјално забележаната највозрасна личност во Данска била водач на данската Нацистичка партија за време на Втората светска војна.

Минатиот месец, Данците ја прославија Кирстен Швалбе, која наврши 112 години и 218 дена, со што стана најстариот регистриран жител во историјата на земјата. Но, два дена откако Швалбе го постави овој рекорд, беше откриено дека таа била лидер на огранок на Нацистичката партија за време на германската окупација. Документите покажуваат дека таа се приклучила на Данската националсоцијалистичка работничка партија во август 1941 година, а подоцна напредувала во партиската хиерархија, вршејќи ја должноста лидер во градот Холстебро од август 1943 до јули 1944 година.

Според наодите, таа ја предводела месната женска организација, а нејзиниот покоен сопруг, исто така, имал високо раководно место во партијата.

Швалбе првично негираше дека била нацист, а потоа го минимизираше своето членство, тврдејќи дека „едвај знаела“ за што се залага партијата. Таа тврдеше дека е „неправедно“ да биде предмет на истрага за нејзините постапки за време на војната, бидејќи „во тоа време, сопругите не се занимавале со такви работи – тоа им го препуштале на мажите“.

Сопругот ме праша, а јас реков дека не ми е важно. Политиката воопшто не ме интересираше, па едноставно го правев она што тој сметаше дека треба да го правам“, се правда Швалбе.

Сепак, историчарите кои ги проучувале документите наведуваат дека таа била многу позначаен член на партијата отколку што самата признава, пренесува британски „Телеграф“. Данскиот историчар Клаус Бундгард Кристенсен изјави:

Таа била повеќе од обичен член во редовите на организацијата. Многу повеќе од само активист. Данската нацистичка партија беше најголемото фашистичко движење во земјата, коешто го следеше движењето на Адолф Хитлер во Германија.

Г-ѓа Швалбе фактички ја поддржала германската инвазија на Данска, кога данските нацисти соработувале со окупаторите, а Данци се бореле во редовите на одредот „Вафен-СС“.

Овие сознанија излегоа на виделина минатиот месец во „Кристелигт Дагблад“ (Kristeligt Dagblad) – данскиот весник којшто спроведе истражување за Швалбе по објавувањето на нејзината биографија насловена „Ни треба нешто за смеење“, каде што воопшто не се спомнува нејзиното нацистичко минато.

Издавачката куќа „Гилдендал“ (Gyldendal), како и авторите Фредерик Хелмс и Лине Морел Холм, изјавија дека не знаеле за нејзините врски со нацистите и ветија дека ќе ги ажурираат идните изданија. Семејството на г-ѓа Швалбе за тамошните медиуми изјави дека таа е „длабоко погодена од медиумското известување“ и одбиле да дадат натамошен коментар.

Пред да стане најстариот граѓанин во историјата на Данска, Швалбе беше дел од „најстарите браќа и сестри во светот“, заедно со својот 104-годишен помлад брат Бертел.

По ослободувањето во 1945 година, Данска, врз основа на повоените закони, процесуираше илјадници соработници на нацистичкиот окупатор и воени злосторници, но напорите во периодот по тоа, општо погледнато, не резултираа со пресуди за вина.

Германија, од своја страна, продолжува да гони поранешни нацисти, меѓу кои и Јозеф Шиц, кој во 2022 година беше прогласен за виновен за помагање во убиството на илјадници затвореници во концентрациониот логор „Заксенхаузен“ за време на Холокаустот.  

Поврзани вести