
На 20 и 21 ноември, Офицерскиот дом ќе биде домаќин на THE ARCHITECT, REDRAWN, конференција што ги поврзува светските архитектонски практики со македонските архитекти, урбанисти и новата генерација професионалци.
Како ќе изгледа архитектонската професија во време кога вештачката интелигенција веќе учествува во проектирањето, дигиталните технологии ги менуваат правилата на работа, а градовите се соочуваат со сè посложени климатски, урбанистички и општествени предизвици?

Одговорите на овие прашања на 20 и 21 ноември ќе се бараат во Битола, каде што во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери ќе се одржи Петтата годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти.
Под насловот THE ARCHITECT, REDRAWN, годинешното издание го поставува во центарот не само прашањето какви градови ќе градиме во иднина, туку и какви архитекти ќе бидат потребни за нивното создавање.
Во Офицерскиот дом ќе се сретнат меѓународно признати експерти, претставници на влијателни архитектонски студија, истражувачи, технолошки иноватори и македонски архитекти. За два дена Битола ќе стане простор за непосредна размена на знаење, професионални искуства и идеи што ја обликуваат современата архитектура.
Меѓу најзначајните имиња е Татјана Џамбазова, архитектка и експертка за технолошки иновации со професионална работа поврзана со Калифорнија. Со повеќе од 25 години меѓународно искуство, таа има значаен придонес во развојот на Autodesk Revit, една од највлијателните BIM платформи. Денес, како Head of Product, AI Solutions во Motif.io, работи на нова генерација технологии базирани на вештачка интелигенција. Во Битола ќе зборува за трансформацијата на архитектот и проектирањето во ерата на AI.

Од Лондон пристигнува Алфонсо Монедеро, Head of BIM во Heatherwick Studio, меѓународно познато архитектонско и дизајнерско студио. Неговото предавање ќе ја претстави кампањата Humanise, која го преиспитува современото градење и потребата архитектурата да воспостави посилна врска со човекот, емоциите и секојдневното доживување на градот.
Уште едно значајно име од Лондон е Калед Елашри од тимот Applied Research + Development на Foster + Partners, едно од најпознатите светски архитектонски студија. Неговото предавање ќе покаже како истражувањата, роботиката и дигиталните процеси стануваат практични алатки во современата архитектура.
Од Њујорк доаѓа Нушин Радниа, дизајнерка и истражувачка чија работа ги поврзува архитектурата, уметноста и новите технологии. Нејзиното предавање ќе го отвори прашањето што треба да научат, но и што треба да преиспитаат архитектите во време на забрзан технолошки развој.
Посебно место во програмата имаат домашните архитекти, меѓу кои и студиото АТТИКА Архитекти од Скопје. Со препознатлив пристап кон современата станбена архитектура, студиото има добиено признанија на БИМАС и BIG SEE, номинации за европската награда „Мис ван дер Рое“ и наградата „Борис Чипан“ за 2025 година. Нивното предавање „Архитектурата сега“ ќе понуди поглед кон создавањето квалитетна архитектура во реалните услови на македонската практика.
Средбата отвора можност домашните архитекти и урбанисти непосредно да разговараат со професионалци што работат на сложени меѓународни проекти, да се запознаат со нови методологии и да воспостават контакти за идни соработки. За младите архитекти и студентите, ова е можност искуството од големите архитектонски центри да биде достапно во Македонија.
Изборот на Битола за домаќин има пошироко значење. Градот со богато архитектонско наследство и активна професионална заедница ја продолжува традицијата на архитектонски собири, чии корени водат до некогашните средби во Молика. По период на прекин, иницијативата беше обновена од битолските архитекти, со институционална поддршка на Комората.
На настанот ќе присуствуваат и претставници на професионални комори и архитектонски организации од Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово и регионот. Во рамките на средбата е предвидено и потпишување протокол за соработка меѓу Комората и Општина Битола, со што се отвора простор за понатамошно поврзување на стручната заедница и локалната самоуправа.
Програмата вклучува две изложби што ја поврзуваат архитектонската иднина со образованието и културното наследство. Изложбата „Архитектонска школа – инструмент за суштинска промена“ ќе претстави студентски проекти од Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје.
Македонскиот национален комитет на ИКОМОС ќе го претстави проектот за дигитално документирање и афирмација на „Битола, бабам Битола“, последниот мурал на Борко Лазески, создаден во 1991 година и сместен во Главната пошта во Битола.
Културната програма ќе продолжи на 20 ноември во кино „Манаки“, со проекција на документарниот филм „Руини“ и дискусија во организација на Дебатното кино „Контра Кадар“. На 21 ноември гостите ќе имаат можност да ја проследат претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир, во изведба на Државниот театар од Поти, Грузија, во рамките на Битола Шекспир фестивал.
За Битола, настанот значи нова меѓународна видливост, професионални контакти и позиционирање како град на знаење, култура и архитектонско наследство. За Македонија, тоа е можност домашната архитектонска сцена да биде активен учесник во разговорите што ја обликуваат иднината на професијата.
Иднината на архитектурата не зависи само од технологиите што ќе ги развиеме, туку и од вредностите што ќе одлучиме да ги зачуваме.

Македонски




