
На булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје се поставуваат завршните слоеви асфалт, а само денеска ќе бидат поставени околу 900 тони, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој посочува дека работите се одвиваат со засилено темпо, а истовремено се уредуваат тротоарите и се поставуваат нови столбови за улично осветлување. Екипите работат деноноќно со цел темелната реконструкција да биде завршена пред предвидениот рок.
„Знам што значи овој пат за луѓето од Пинтија, Драчево и целиот овој дел на Скопје. Пред секои избори слушаа дека булеварот ќе биде готов. А кога ќе поминеа изборите, тие повторно возеа по истиот недовршен пат. Ветив дека ќе го завршиме. Денес, по само половина година работа, го решаваме она што мојот народ го имаше како тридецениска голгота“, објави Ѓорѓиевски.
Според најавите, по завршувањето на реконструкцијата, повеќе од 100.000 жители ќе добијат нов, модерен и побезбеден пат.
Ѓорѓиевски вели дека особено ќе му значи денот кога жителите на Пинтија и Драчево, по повеќе од 30 години чекање, за првпат ќе поминат по целосно завршениот булевар.

Македонски




