Skip to main content
2,8 милиони евра биле вложени во информатичката инфраструктура на Агенцијата за вработување во периодот од 2020 до 2025 година

Кој ги штити личните податоци во АВРМ? Милионски вложувања, а недоволни безбедносни контроли

Речиси 2,8 милиони евра биле вложени во информатичката инфраструктура на Агенцијата за вработување во периодот од 2020 до 2025 година, но и покрај значителните средства, системот и натаму има сериозни слабости во безбедноста, контролата на пристапот и заштитата на личните податоци. Ова го утврдил Државниот завод за ревизија, кој предупредува дека постојните механизми не обезбедуваат целосно ефикасна заштита на информациите со кои располага институцијата.

Според ревизорскиот извештај, вредноста на реализираните и тековните договори за ИТ-инфраструктура, безбедносни системи и комуникациски услуги изнесувала 171,2 милиони денари, односно околу 2,78 милиони евра.

Еден од најсериозните проблеми се однесува на контролата кој и кога има пристап до личните податоци на граѓаните. Ревизорите утврдиле дека треба да се подобрат механизмите за следење на пристапот до информациите, како и процедурите за нивно чување, архивирање и бришење во законски предвидените рокови.

Системот на Агенцијата за вработување содржи чувствителни информации за граѓаните, вклучително и податоци за невработените лица, корисниците на паричен надоместок и учесниците во активните мерки за вработување.

Ревизијата не утврдила конкретен случај на злоупотреба или неовластено преземање лични податоци, но укажува дека недоволно развиените контроли го зголемуваат ризикот од евентуални безбедносни инциденти.

Дополнителен проблем е што системот, кој го користат централната служба и 29-те центри за вработување низ државата, во анализираниот период бил вкупно 293 дена без договор за превентивно и адаптивно одржување. Тоа претставува 15,7 проценти од периодот опфатен со анализата.

Сериозни слабости се констатирани и во кадровската екипираност. Во централниот Сектор за информатика биле пополнети само две од вкупно седум систематизирани работни места, односно помалку од една третина од предвидениот кадар. Дополнително, во анализираниот тригодишен период не биле организирани обуки за вработените, ниту била воспоставена програма за нивно континуирано стручно усовршување.

Ревизорите укажуваат и на потребата од подобрување на системот за резервно копирање на податоците, нивно безбедно чување и редовно тестирање на плановите за обновување на информациите во случај на технички дефект или друг непредвиден настан.

Наодите отвораат прашања за ефикасноста на управувањето со информатичките ресурси, особено ако се има предвид дека станува збор за систем од кој зависат услугите на Агенцијата за вработување низ целата држава.

Државниот завод за ревизија дал препораки за зајакнување на кадровските капацитети, подобрување на информациската безбедност, управувањето со ризиците и механизмите за обновување на податоците.

Од ДЗР информираат дека на 13 ноември директорот на Агенцијата доставил известување за преземените мерки. Сепак, во објавените информации не е прецизирано кои од препораките се веќе реализирани и во колкав обем се отстранети утврдените слабости.

Останува отворено прашањето дали по потрошените милиони за информатичката инфраструктура, Агенцијата успеала да ги обезбеди основните услови за сигурно чување и обработка на личните податоци на граѓаните.

Поврзани вести