
Објавен е романот „Ние сме светлина“ (Wij zijn licht) од холандската писателка Херда Блејс, во превод на македонски јазик на Ели Пујовска, впечатлив и необичен дебитантски роман за човечката потреба да припаѓаме, за вербата во големи идеали и за границата меѓу духовното трагање и самоуништувањето.
Во една летна ноќ, Елизабет, најстарата членка на комуната „Звук и љубов“, умира. Нејзините тројца цимери се уапсени. Причината за трагедијата постепено станува јасна: членовите на заедницата одлучиле да престанат да јадат и да живеат само од светлина, музика, воздух и љубов.
Од луѓе кои се на маргините на општеството и се уврени дека пронашле поинаков начин на живот, одеднаш стануваат осомничени во кривична истрага. Но, кој е навистина виновен? Дали Елизабет била жртва на другите, на сопствените убедувања или на потребата на човекот да верува дека постои нешто повисоко од секојдневниот живот?
Приказната на Херда Блејс е инспирирана од вистински настан и се одвива како необична мозаична истрага. Наместо еден сезнаечки раскажувач, романот ни нуди 25 различни гласови – гласовите на членовите на заедницата, нивните родители, соседи, адвокати, но и на ноќта, сомнежот, лебот, мирисот на портокал и дури на самото мртво тело на Елизабет. Секој од нив го гледа настанот од различен агол и додава ново парче во сложувалката.
Токму оваа необична структура ја прави „Ние сме светлина“ толку привлечна. Книгата истовремено е психолошки роман, крими-истражување и приказна со црн хумор за луѓето кои сакаат да веруваат во нешто поголемо од себе. Блејс не нуди едноставни одговори, туку го остава читателот да се движи меѓу различни вистини и да се прашува каде завршува слободата на личниот избор, а каде започнува одговорноста кон другите.
Романот е особено интересен и поради начинот на кој авторката им дозволува на „неживите“ нешта и апстрактните поими да станат раскажувачи. Така, светот на книгата не го сочинуваат само луѓето, туку и предметите, мирисите, природата и самата ноќ – како сите тие да се сведоци на една трагедија која никој не може целосно да ја објасни.
„Ние сме светлина“ е роман кој започнува со смрт, но всушност зборува за животот, осаменоста и за длабоката човечка потреба да бидеме дел од нешто поголемо. За тоа колку лесно желбата за подобар свет може да прерасне во опасен идеал – и колку е тешко да се препознае моментот кога слепата увереност престанува да нè спасува и почнува да нè уништува.
Книгата, која во 2021 година ја освои Наградата за литература на Европската Унија, на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“, Холандската фондација за литература и на Министерството за култура на РС Македонија. „Ние сме светлина“ е достапна во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.
Херда Блејс (1985) е холандска писателка. Студирала сликарство и визуелни уметности. Работела и како предавач и истражувала лингвистички теми. Во 2017 г. дебитирала со збирка куси раскази. Следната година објавила книга поезија. Во 2020 се појавува романот „Ние сме светлина“, кој веднаш го привлекува вниманието на критиката, закитувајќи се со Наградата на холандските издавачки куќи (2021) и со Наградата за литература на Европската Унија, а била номинирана и за престижната награда „Либрис“. Во 2025 англискиот превод на овој роман бил во потесен избор за Даблинската книжевна награда. Нејзиното творештво честопати е опишано како „оригинално“ и „експериментално“.

Македонски



