Skip to main content

ДПМ утре го чествува Раде Силјан: 40 години од „Пронајден облик“ и промоција на „Поетски облици на времето“

Утре, 18 ноември, во 12 часот во салата на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје ќе се одржи јубилејно чествување на Раде Силјан. Четириесетгодишнината од „Пронајден облик“ (1986), неговата прва книга со критики и есеи, македонските писатели ќе ја одбележат со промоција на „Поетски облици на времето“. Книгата е издание на „Матица македонска“, издавачката куќа што Силјан ја основа пред 35 години.

Книгата ќе ја промовира проф. д-р Димитар Пандев. Ќе се обрати и ас. д-р Иван Антоновски, уредник на изданието и автор на поговорот „Мерата на времето, обликот на вредноста“, во кој книгата ја определува како „лична историја на македонската песна“. Публиката ќе има можност да го слушне и Раде Силјан.

Во 2025 година се наврши половина век од објавувањето на „Третиот лик на времето“, првата стихозбирка на Силјан. По тој повод во книгата „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“ беа собрани текстови од четириесет и пет автори за неговата поезија. Годинашниот јубилеј осветлува и друга страна на таа книжевна биографија. Додека ги создавал сопствените песни, Силјан ги читал новообјавените книги на своите современици и за нив пишувал критики во времето кога нивното место во македонската книжевност сè уште било отворено прашање.

Шесте книжевноисториски и поетички целини го водат читателот од средновековното наследство и Преродбата до македонската поезија на XXI век. Огледите за триесет поети се преработени за ова издание. Таму каде што едно творештво е веќе заокружено, Силјан ги препрочитува раните песни со увид во целината. Кај поетите што продолжуваат да пишуваат, во толкувањето ги вклучува и најновите стихозбирки. Така читателот може да види што препознал критичарот при првата средба со делото, а што открил дури по неколку децении. Изданието содржи и биобиблиографија на Силјан и регистар на поети и поетски книги.

Во антологиите „Нова и современа македонска поезија“ (1996) и „Современа македонска поезија“ (2018) Силјан ги постави своите современици покрај нивните претходници. Во новата книга, читателот ги открива и мерилата според кои тој избирал кои песни ќе им ги предаде на следните поколенија. Таа грижа за судбината на македонскиот збор Силјан ја изрази и на Денот на независноста, кога претседателката Гордана Сиљановска-Давкова му го врачи Орденот „8 Септември“. „Ова одликување го примам и како признание дека македонското слово учествува во градењето на државата“, рече тој.

Поврзани вести