
Со концертот „Меѓу насмевките и солзите“ на српскиот камерен состав Soundscape Trio, вечерва продолжува програмата на 27. издание на фестивалот „Есенски музички свечености“.
Концертот ќе се одржи во Салон 19’19 при Културно-информативниот центар во Скопје, со почеток во 20 часот, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
Soundscape Trio го сочинуваат кларинетистот Андрија Минчиќ, фаготистот Тадија Минчиќ и пијанистот Никола Цветковиќ, музичари кои зад себе имаат богато меѓународно концертно искуство и настапи во повеќе европски и светски музички центри.
Организаторите посочуваат дека триото својот уметнички израз го гради преку камерно музицирање и истражување на различните звучни можности на кларинетот, фаготот и пијаното, комбинирајќи индивидуална виртуозност и ансамблова комуникација.
Концертот е дел од програмата на годинашните „Есенски музички свечености“, кои се одржуваат во Скопје до 26 ноември со учество на домашни и странски музички уметници.

Македонски



