
Маскирани лица ограбиле продавница за колекционерски картички во трговскиот центар „Lyngby Storcenter“, северно од Копенхаген, и однеле „Покемон“ карти чија вредност, според првичните процени, надминува еден милион дански круни, односно околу 130.000 евра.
Грабежот се случил во продавницата „Rogerz“. Според данските медиуми, тројца до петмина маскирани сторители влегле во објектот, му се заканиле на вработен со предмет што личел на пиштол, ги искршиле стаклените витрини и ги зеле картичките. Полицијата соопштила дека трага по сторителите и дека во потрагата се вклучени поголеми полициски сили.
Подоцна била пронајдена црвена „мазда“, за која се сомнева дека била користена при бегството. Според медиумските извештаи, возилото било однесено на проверка, а осомничените во тој момент сè уште биле во бегство.
Точниот број и видот на украдените картички засега не се објавени. Проценетата вредност е првична, а истрагата е во тек. Данската полиција официјално потврди дека постапува по пријава за грабеж во трговскиот центар, но соопшти дека засега нема дополнителни детали.

Македонски



