
Косовската полиција во Приштина уапси шест лица под сомнение дека се дел од организирана група за трговија со дрога. Меѓу уапсените е и Астрит Хараќија, поранешен министер за култура на Косово, пишува Телеграф .
Полицијата објави дека операцијата е резултат на долгогодишна истрага. Групата имала добро развиена хиерархиска структура, од организаторите на врвот до уличните дилери. Претреси биле извршени на неколку локации, каде што биле уапсени шест осомничени, а против друго лице ќе биде покрената редовна кривична постапка. На сите уапсени им е одреден притвор до 48 часа.
За време на операцијата, запленети се приближно 1,6 килограми кокаин, со проценета улична вредност од 111.000 евра. Полицијата пронашла и марихуана, таблети екстази и други, засега неидентификувани супстанции. Запленети се и шест луксузни автомобили, скапи часовници, накит, телефони, електронски уреди, опрема за надзор и приближно 16.000 евра во готово.
На локациите беа пронајдени и огнено оружје, муниција, ножеви и опрема за пакување дрога. Вкупната вредност на запленетата дрога и имот се проценува на околу 301.000 евра.
Веста за апсењето на Астрит Хараќија ја потврди неговиот адвокат, објави „Коха“. Хараќија беше министер за култура од 2004 до 2007 година во Владата на Рамуш Харадинај. Во 2012 година, тој беше заменик-министер за финансии во Владата на Хашим Тачи.

Македонски



