
Засилени полициски контроли во централното подрачје на Скопје во текот на ноќта меѓу 14 и 15 ноември откриле повеќе сообраќајни и други прекршоци, при што биле приведени повеќе лица.
Акцијата ја спровеле полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар, во периодот од 22 до 7 часот, во координација со Државниот пазарен инспекторат.
При контролите биле констатирани 18 прекршоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Дванаесет лица биле лишени од слобода поради сомнение за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, едно лице поради безобѕирно управување со моторно возило, а три лица по член 204. Дополнително, пет лица биле приведени поради прекршоци против јавниот ред и мир.
Контролирани биле и угостителски објекти, каде што во еден биле затекнати седум малолетници кои консумирале алкохол. Во друг случај било утврдено дека трафика продавала алкохолни пијалаци на малолетници. За утврдените неправилности, во координација со Државниот пазарен инспекторат биле преземени мерки за санкционирање.
Во рамки на акцијата, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје извршиле контрола и на техно-забава организирана во подземниот паркинг на улицата „Кресненско востание“. Биле легитимирани 65 лица и прегледани 13 возила, а едно лице било лишено од слобода по член 215 од Кривичниот законик.
Од МВР најавуваат дека за сите утврдени прекршоци ќе бидат поднесени соодветни пријави и ќе следуваат санкции.

Македонски



