Skip to main content

Без голови по првите 45 минути на мечот Шкотска – Македонија

Фрипик

Без голови заврши првото полувреме вечерва на „Хемпден парк“ во Глазгов каде македонската репрезентација ѝ гостува на Шкотска во рамки на Лигата на нации.

Првата можност да го отвори резултатот ја имаше Македонија во 13. минута кога обидот на Дориев по левата страна од работ на шеснаесетникот заврши надвор од рамките на шкотскиот гол.

Домашната репрезентација одговори со изгледна шанса само три минути подоцна, но Димитриевски со прекрасна интервенција го скроти ударот од свртување на Мектоминеј.

Димитриевски повторно беше на сцена во 27 минута кога со рефлексна интервенција реагираше на топката која по ударот со глава на Адамс се одби од телото на Растодер.

Шкотска целосно ја презеде контролата врз теренот и продолжи со напади, но обидот на Мектоминеј со „ножички“ во 33 минута заврши високо над голот.

Пет минути подоцна Шкотска повторно се закани преку Мектоминеј, кој по проигрувањето од Адамс се најде сам пред Димитриевски, но македонскиот голман повторно беше поуспешен, а само минута подоцна обидот со пета на Адамс беше изблокиран.

Македонската репрезентација можеше да ги казни нереализираните шанси на шкотските фудбалери во самиот финиш на полувремето, кога ударот на Барди од десетина метри по проигрувањето на Растодер заврши сантиметри крај десната статива на шкотскиот голман.

Поврзани вести