
Ние се обидуваме како Влада да ги вложиме сите напори кон воспоставување функционален систем на владеење на правото како темел на демократската држава и тука, секако, еден од носителите е Уставниот суд, којшто има посебна и незаменлива улога во зачувувањето на уставниот поредок и заштитата на основните права и слободи – порача во своето обраќање вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на четвртата годишна конференција на Форумот на балканските уставни судови, која се одржува во Охрид, на тема „Современи предизвици за владеење на правото: Улогата на уставните судови“.
Николоски истакна дека улогата на Уставниот суд е особено значајна во ова време на брзи општествени, технолошки и политички промени, како што рече, „затоа институциите мора да бидат стабилни, институциите мора да се отпорни и институциите мора да ги преживуваат политичките промени“.
Независноста, професионалноста и интегритетот на уставните судии и на Уставниот суд се клучни за исполнување на оваа функција. Владеењето на правото подразбира не само донесување квалитетни одлуки, туку и нивно почитување и нивно спроведување. Извршната и законодавната власт имаат одговорност да создаваат услови за целосна имплементација на одлуките на Уставниот суд, коишто многу често значат и корекција на одредени одлуки коишто можеби се донеле и без доволно да се изанализира нешто и без доволно да се имаат предвид сите факти, но и некогаш се донесени со некоја друга намера. Затоа основата на Уставниот суд е тука, да помага да се коригираат онаму каде што треба да се направи корекција – посочи Николоски.
Тој забележа дека почитувањето на уставното судство е показател за институционална зрелост и демократска одговорност на една држава.
Затоа ние се трудиме да ги почитуваме и да го добива заслуженото место Уставниот суд во државно-правниот поредок. Независноста на судската власт, секако, не треба да се разбира изолирано од другите институции, туку многу повеќе како гаранција за едно непристрасно и објективно одлучување, но и начин на подобрување на општеството. Заемната контрола и рамнотежа помеѓу трите власти, а тука, секако, како засебен орган и Уставниот суд, има значајна улога во одржувањето на една функционална држава – нагласи Николоски во своето обраќање пред уставните судии од земјата и странство.
Вицепремиерот се осврна и на новите предизвици, како што се дигитализацијата и вештачката интелигенција, кои од една страна, можат да бидат предност, но од друга страна, и закана.
Секако, знаењето, искуството и човечкиот фактор остануваат незаменливи и не можам да се согласам со одредени дебати коишто се водат, дека еве дури и во овој дел, во делот на почитување на Уставот, во делот на спроведување на Уставот и во делот на спроведување и почитување на законите, треба да се потпреме на вештачката интелигенција. Мислам дека тоа е погрешно и мислам дека е нешто што треба многу сериозно да го размислуваме како држава и како држави, затоа што ова е една поширока дебата, не само во нашата држава, но повторувам, сметам дека тоа не е патот по којшто треба да се движиме, затоа што знаењето, личното искуство, е нешто што е незаменливо и што не може ниедна машина да го направи – рече Николоски.
Вицепремиерот Николоски на завршницата на Форумот на балканските уставни судови потенцираше дека силна држава не значи само силна извршна власт, туку значи ограничена извршна власт, значи држава со силни и независни институции, институции коишто се надополнуваат и коишто се контролираат помеѓу себе.
Затоа, како претставник на извршната власт, како заменик-претседател на Владата, можам да кажам дека како Влада ќе направиме сè и правиме сè овој систем да продолжи да функционира и да се надградува – вели Николоски.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во својот завршен говор по одржаните форумски сесии потенцираше дека современите предизвици со кои се соочува владеењето на правото, како што се обидите за поткопување на самостојноста, независноста на судството, уште повеќе ја нагласуваат важноста и одговорноста на Уставните судови.
Уставните судови денес се најповиканите уште посилно да го бранат Уставот и демократските принципи врз коишто почива секое демократско општество. Она што посебно го нагласија повеќето учесници беа уставно заснованите, аргументираните толкувања, самостојното и независното одлучување и транспарентното работење. Самостојноста и независноста на уставните судови мора да се почитуваат од страна на сите државни органи и други субјекти и да им се овозможи на уставните судови да одлучуваат без политички притисоци и влијанија, со цело почитување на нивната положба и уставна улога – посочи Костадиновски.

Тој додаде дека низ дискусиите уставните судии и правните експерти се согласуваат дека е од голема важност довербата на јавноста во уставните судови.
Сите заклучивме дека уставните судови немаат поголем капитал од довербата што ја уживаат кај граѓаните. Заклучивме дека довербата кај граѓаните не може да се наметне, не може да се нормира, ниту пак може да се бара, туку таа мора да се заработи, да се гради постепено преку секојдневна работа, квалитетни, образложени одлуки и конзистентна судска практика. Зборувавме за работи кои зависат од нас самите, судиите, но зборувавме и за работи кои не зависат од нас, каде што влијание имаат други фактори и други актери – рече Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд, во своето завршно обраќање, нагласи и дека заедницата мора да работи со младите и оти општеството треба да се подготвува и да се учи на уставна култура.
Уставната култура се учи од најраните години. Ние како општество некако, можам да зборувам во името на мојата држава, како да го имавме малку запоставено овој сегмент, но се надевам дека во наредниот период ќе стане врвен приоритет. Зборувавме за можностите на вештачката интелигенција која со брзи чекори ги освојува сите сфери на општественото живеење и работење и којашто очигледно не може да се заобиколи ни во судството, ниту во правосудната сфера. Неспорно е дека примената на дигитализацијата и вештачката интелигенција можат да ја унапредат ефикасноста на работењето на судовите, меѓутоа пристапот треба да биде внимателен поради сите ризици од правна, етичка, организациска и друга природа, што ги покренува нејзината природа – потенцира Костадиновски.
Тој забележува дека вештачката интелигенција може да им помогне на судиите при обработка на предметите, но таа не смее да биде замена за независната судска анализа, градењето на внатрешно судско убедување и аргументацијата на одлучувањето од страна на самите уставни судии.
Во никој случај вештачката интелигенција не може да ги замени особините и својствата што се природно поврзани со човековата природа, со човечките битија како што се совеста, разумот, моралниот и етичкиот интегритет на човекот и на судијата – порача Костадиновски во своето завршно обраќање и се заблагодари на учеството на земјите члени на Форумот на балканските уставни судови, како и на судиите од Австрија, Египет, Словенија, Азербејџан, Холандија и на претставниците на Европскиот суд за човекови права и на Венециската комисија.

Македонски



