Skip to main content
4V90AmXnguw

Кожната јакна на Мајкл Џексон од „Трилер“ понудена на аукција 

Црвено-црната кожна јакна од легендарниот музички видеоспот за „Трилер“ (Thriller) и други предмети што му припаѓале на Мајкл Џексон се изложени во Њујорк во пресрет на аукцијата што ќе се одржи во Абу Даби – главниот град на Обединетите Арапски Емирати, на 7 декември.

Предметите беа претставени во САД во вторникот. Меѓу нив е изложен костумот крем-боја, кој Џексон го носел во музичкиот спот за „Смут криминал“ (Smooth Criminal) од 1988 година. Покрај тоа, на наддавањето ќе се најдат потпишаната јакна од спотот за пената „Трилер“ од 1983, како и две јакни од турнејата „Лош“ (Bad) (1987 – 1989) – една потпишана јакна со токи и јакна со натпис „Специјален службеник“ (Special Officer) со кожени ремени. Колекцијата вклучува и две бели ракавици со светкави детали. Овие предмети се дел од аукцијата со наслов „Мајкл Џексон: Модно наследство“ (Michael Jackson: The Fashion Legacy) на аукциската куќа „Џулиен’с окшнс“ (Julien’s Auctions).

Исто така, изложени се и чевли носени за време на сценски настапи во 90-тите, како и ремен од албумот „Лош“, изработен од сребро и 18-каратно бело злато, што Џексон го носел на доделувањето на Американските музички награди (American Music Awards) во 1989 година.

Наддавањето ќе се одржи во хотелот „Розвуд“ во Абу Даби и опфаќа повеќе од 100 предмети. Од аукциската куќа изјавија дека ова е најголемата колекција на сценски костуми, модни додатоци и облека од музички спотови на Џексон, која некогаш била понудена на продажба. 

Поврзани вести