Skip to main content

Во Софија во 2027 година ќе биде организирана изложба на реставрирани македонски икони вратени од Албанија

Македонскиот културно-информативен центар во Софија и Националниот конзерваторски центар – Скопје планираат во текот на 2027 година да организираат изложба на вредни македонски икони кои биле украдени од државата, нелегално однесени во Албанија и потоа вратени во Македонија. Иницијативата била договорена на работна средба меѓу директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, Зоран Пејковски, и директорот на Националниот конзерваторски центар, Александар Јорданоски, посветена на унапредување на институционалната соработка и афирмација на македонското културно наследство.

Посебното значење на изложбата, како што се наведува во соопштението, произлегува од фактот што по нивното враќање во Македонија иконите биле реставрирани и конзервирани од експертите на Националниот конзерваторски центар, со што биле зачувани како значајни сведоштва на македонската духовна и уметничка традиција.

Планираната изложба во Софија ќе овозможи бугарската и меѓународната јавност да се запознаат со историската, уметничката и духовната вредност на иконите, како и со процесот на нивната реставрација и конзервација.

На средбата било оценето дека проектот ќе придонесе и за промоција на заштитата на културното наследство, спречувањето на нелегалната трговија со уметнички дела и враќањето на културните добра во земјата на нивното потекло.

Поврзани вести