
Претпоследниот настан на караванот за младинска, алтернативна и критичка култура „Тригер“ кој го организира Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ ќе се одржи во Штип.
Настанот ќе се одржи на 13 ноември, со почеток во 20:00 часот, во кафе-барот „Groove&Grounds“. Предвидени се повеќе активности кои ќе вклучуват локални уметници од Штип и членови на здружението „Култура Бета“.
Во рамки на настанот ќе се случи промоција на третиот број на списанието за општа култура „Тригер“ заедно со разговор насловен „Уметноста меѓу денес и вчера“ во чии рамки Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски ќе разговараат со уметникот Филип Зарков, преведувачката Јана Секулоска и диџејот Теодор Симоновски за тоа како уметноста се движи помеѓу сегашниот миг и минатото. Во текот на целата вечер ќе биде поставена изложба од млади визуелни уметници од Штип: Глориа Малинова, Кристијан Ткалчев, Марио Каев и Филип Зарков. Настанот ќе заврши со диџеј сет на Modem Priest & Shef Shef во разиграна и опуштена атмосфера.
Ова е петти настан од караванот „Тригер“, досега се одржаа настани во Скопје, Куманово, Охрид и Тетово, а последниот настан ќе се одржи во Битола пред крајот на годината.
Проектот „Караван за младинска, алтернативна и критичка култура ‘Тригер’“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции. Проектот „Култура за развој“ е поддржан од Владата на Швајцарија, а се имплементира од страна на Хратефакт Фонд од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година.

Македонски



