
Богат чоколаден вкус, кремаст слој од лешници и крцкави парчиња чоколадо одозгора. Овие сочни „брауни“ коцки се вистинско уживање за сите љубители на чоколадните десерти!
Потребни состојки за тестото:
- 200 г темно чоколадо
- 150 г путер
- 180 г шеќер
- 3 јајца
- 100 г брашно
- 30 г какао
- 100 г таан (сусамов путер)
- 1 лажичка екстракт од ванила
- 1 прстофат сол
За кремастиот слој:
- 350 г крем од лешници
За посипување:
- 50 г сечкано темно чоколадо
- 30 г сечкани лешници
- 1 лажица сусам (по желба)
Подготовка:
Најпрво подгответе го кремастиот слој. Калап со димензии 20 × 20 см обложете го со хартија за печење и рамномерно распоредете го кремот од лешници. Ставете го во замрзнувач 30–60 минути, додека да се стегне. Извадете го заедно со хартијата и вратете го во замрзнувач до употреба. Рерната загрејте ја на 160 °C.
Темното чоколадо и путерот растопете ги на пареа или на тивок оган. Оставете ги малку да се изладат. Јајцата и шеќерот кратко изматете ги со жица за матење. Додајте ги растопеното чоколадо со путерот, таанот и ванилата, па промешајте. Брашното, какаото и солта просејте ги и додајте ги во смесата. Мешајте со шпатула додека добиете изедначено тесто.
Поделете го тестото на два еднакви дела. Првата половина распоредете ја во калапот и израмнете ја. Врз неа ставете го замрзнатиот слој од кремот со лешници, а потоа распоредете ја преостанатата смеса. Одозгора посипете со сечканото темно чоколадо и лешниците, лесно притиснете ги во тестото, а по желба додајте и сусам.
Печете околу 30–35 минути на 160 °C. Оставете го браунисот да се излади во калапот, а потоа префрлете го на решетка за целосно ладење. Изладениот браунис исечете го на коцки и послужете го.

Македонски




