Skip to main content

Сакав да снимам реален филм, вели режисерката на „17“ Косара Митиќ по македонската премиера на филмот во Скопје

Сакав да снимам реален филм, вели македонската режисерка Косара Митиќ, чиј прв долгометражен филм „17“ имаше македонска премиера на Скопје филм фестивал и беше поздравена со овации и громогласен аплауз.

На денешната прес-конфренција присустуваше дел од екипата на филмот чија премиера беше годинава во февруари на Берлинскиот филмски фестивал во програмата „Перпективи“, програма која ги претставува и оценува најдобрите долгометражни дебитантски филмови од целиот свет.

Митиќ е косценаристка на филмот заедно со Огњен Свиличиќ, а филмот е инспириран од вистински настан кој се случил пред 10 години, кога 23-годишна студентка од Скопје се породила на граничниот премин „Табановце“ и бебето го фрлила во канта. Откако ја прочитала веста во медиумите Митиќ тргнала во потрага на приказната, да истражува.

Меѓутоа во еден момент сфатив дека тоа е само маска. Никој не знае низ што поминала таа жена, рече Митиќ на денешната прес-конфренција.

За продуцентот на филмот Томи Салковски тоа што филмот е македонски кандидат за „Оскар“ не е најголем успех, туку за него најважно е тој да стаса до публиката.

Успехот на филмот го видовме вчера, на македонската премиера, кога публиката реагираше одлично. Одѕивот на публиката, на фестивалите, критиката, професионалците е она што мене лично како продуцент ми е многу поважно, изјави продуцентот Салковски, според кого Митиќ е тип на режисер кој сака да отвори сериозни, закопани теми, да не замисли сите после проекцијата, да не натера да размислуваме.

Младите актери во филмот споделија дека многу работеле со Митиќ и многу разговарале меѓу себе, а како што кажа Ева Костиќ, која го толкува главниот лик на Сара во филмот, имало многу истражувања и консулатации. Во филмот има една впечатлива сцена со породување, која како што кажа филмскиот критичар Благоја Куновски – Доре, Костиќ ја глуми небаре е Мерил Стрип.

Ги анализиравме сите емоции и типови за да се дојде до точен баланс за ликот на 17-годишна девојка која не знае што ѝ се случува во телото”, кажа Костиќ.

Во „17“ играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

Филмот „17“ е продуциран од „Црна мачка продукција“, со финансиска поддршка на македонската Агенција за филм, во копродукција со „Арт & Попкорн“ (Србија) и „Децембер“ (Словенија). Проектот е поддржан и од Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, SEE Cinema Network, како и преку програмата CineLink – Work in Progress на 31. Сараевски филмски фестивал.

Филмот досега освои вкупно 11 меѓународни награди по неговата светска премиера во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, а главната акетрка Ева Костиќ ја доби наградата „Срце на Сараево“ за најдобра актерка на 32. Сараевски филмски фестивал. Во Саравево филмот доби уште тринагради.

Филмот од денеска е на редовниот репертоар во „Синаплекс“ во Скопје.

Поврзани вести