
Неделата останува неработен ден за сите граѓани. Владата е против тоа недела да не биде неработен ден и тоа сме го кажале неколку пати, изјави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Борче Цветков од СДСМ, Дурмиши нагласи дека Владата е против укинување на статусот на недела како неработен ден и дека евентуалните иницијативи кои би пристигнале од бизнис-заедницата ќе бидат разгледувани во рамки на Економско-социјалниот совет.
– Кога и да се отвори како тема, ќе се дискутира. Но, недела да не биде неработен ден – ние сме против тоа, сме кажале неколку пати, значи недела останува неработен ден за сите граѓани. Ако едно такво барање дојде од Стопанската комора, секако дека ќе се отвори во Економско-социјалниот совет и ќе се расправа. Таму има 12 членови и секој ќе искаже свој став. Нашиот став како министерство е дека недела останува неработен ден, освен во некои сектори каде во недела имаат потреба да работат, но недела е неработен ден за сите граѓани – изјави Дурмиши.
Тој исто така, нагласи дека изминатите две и пол години Владата не укинала ниту едно стекнато право на работниците, туку работела на нивно унапредување преку подобрување на условите за работа и зголемување на платите во повеќе сектори.
– Ниту едно право коешто е постигнато за вработените не е укинато. Тие права коишто се постигнати во нашата земја, било да е во јавниот или приватниот сектор, ние сме ги почитувале тие права и сме оделе уште подалеку да нивните права да се почитуваат уште повеќе и нивните услови да се подобруваат и нивните плати да се зголемуваат – изјави Дурмиши.
Тој додаде дека исклучоци за работа во недела може да има само во одредени дејности каде што тоа е неопходно поради природата на работниот процес или зголемените потреби, но нагласи дека основниот принцип останува непроменет – недела останува неработен ден за граѓаните.
Прашан дали две минимални плати се доволни за едно четиричлено семејство, Дурмиши рече дека не е соодветно минималната плата да се споредува со просечната потрошувачка кошница, нагласувајќи дека порелевантен показател се просечните плати.
Според Дурмиши потрошувачката кошница е пресметана како просечна и затоа, според него, треба да се споредува со две просечни, а не со две минимални плати.
– Не може да гледаме дали две минимални плати се доволни за една просечна потрошувачка кошница, бидејќи таа е просечна. Треба да ги земаме предвид две просечни плати и дали тие можат да ја покријат просечната потрошувачка кошница – изјави Дурмиши.

Македонски




