
„Охрид во моето срце низ очите на татко и син“ е насловена новата изложба на фотографии на охриѓанецот Петар Паунче – Скитник, што ќе биде отворена вечерва.
Оваа изложба е приказна за Охрид, за љубовта кон фотографијата и за врската меѓу таткото и синот, која преку фотографиите остава трага за идните генерации, порачуваат организаторите на изложбата.
Отворањето на изложбата е во 19:00 часот, во просториите на Младинскиот центар во Охрид. Промотор ќе биде Никола Митровиќ- Бабе.
Петар Паунче- Скитник потекнува од познато фотографско семејство и од мали нозе се запознава со убавината на светот, гледана преку објективот на камерата. Низ годините, преку своите фотографии успешно ја доловува смеата на непознатите туристи, моќта на езерските бранови, мирното пловење на едрилиците, упорноста на маратонците и водената игра на малите палавковци. Старата калдрма и куќите, што горделиво испишуваат историја, бројните цркви што како кралици се протегаат над езерската шир се бајковито пресликани преку објективот на нашиот Скитник.

Македонски




