Skip to main content

Откриен доцноантички полихромен мозаик на локалитетот Пеленица кај Драчево

Денес, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, и пратеничката и етномузиколог Велика Стојкова Серафимовска, извршија увид во археолошките ископувања на локалитетот Пеленица во близина на Драчево. 

Она што пред неколку месеци започна како иницијатива за создавање културно-историско-археолошка карта на најстарата скопска општина, веќе ги дава првите конкретни резултати на терен.

Националниот археолошки музеј ги привршува археолошките истражувања на локалитетот Пеленица, кои започнаа на 28 октомври 2026 година, со цел да се проверат податоците од пред околу 90 години за постоење мозаичен под во кружна просторија.

Истражувањата се реализираат со целосна финансиска поддршка од Општина Кисела Вода и поддршка од црквата „Св. Спас“ во Драчево, а во соработка со Националната установа Конзерваторски центар – Скопје.

Досегашните археолошки истражувања ги потврдија информациите стари речиси девет децении и резултираа со откривање полихромен мозаик изработен во техниката opus tessellatum, како и керамички материјал и монета кои потекнуваат од доцноантичкиот период. Во оваа фаза мозаикот е откриен само по периферниот дел од истражуваната површина, а конечните резултати ќе овозможат попрецизни сознанија за неговиот обем, зачуваноста и архитектонскиот контекст. Наодите претставуваат значајна основа за понатамошно проучување на локалитетот и неговото место во доцноантичкиот археолошки пејзаж на Скопската Котлина.

-Она што го најавивме пред неколку месеци како наша визија – системски да го истражиме, заштитиме и промовираме културното богатство на Кисела Вода, денес овде на локалитетот Пеленица станува видливо на дело и добива своја конкретна потврда. Особено ме радува што ја потврдивме локацијата на мозаикот за кој постоеле само записи стари речиси 90 години. Ова докажува колку голем и неистражен историски потенцијал лежи на нашата територија. Сакам искрено да им се заблагодарам на директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, на пратеничката Велика Стојкова Серафимовска која од самиот почеток е дел од оваа иницијатива, на црквата „Св. Спас“ и на сите стручни лица кои деновиве неуморно работат на терен.

Сите овие податоци и пронајдоци ќе бидат основата за нашата културно-историска мапа на Кисела Вода, ќе бидат дигитализирани и достапни за граѓаните, што е клучниот чекор за развој на културниот туризам и позиционирање на Кисела Вода како значајна културна точка- истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

-Пред речиси 90 години биле забележани информации за постоење мозаик на ова место. Денес, благодарение на археолошките истражувања, имаме материјална потврда за тие податоци. Ова е уште еден показател колку археолошки потенцијал останува неистражен, дури и во непосредната околина на Скопје. Но, покрај научните резултати, сакам особено да истакнам нешто што сметам дека заслужува внимание. Општина Кисела Вода е еден од ретките примери на локална самоуправа која целосно финансира археолошки истражувања. Ова не е само финансиска поддршка на еден проект, туку конкретна инвестиција во познавањето, заштитата и идното вреднување на сопственото културно наследство. Сметам дека ваквиот пристап треба да биде пример и за другите градоначалници. Културното наследство не е исклучиво обврска на државните институции. Тоа е ресурс што може да придонесе за локалниот развој, културниот туризам, образованието и препознатливоста на општините. Но, за да се искористи тој потенцијал, најнапред мора да се истражи, научно да се документира и соодветно да се заштити.Националниот археолошки музеј, како матична институција за археологијата, располага со стручни и научни капацитети за реализација на вакви проекти на целата територија на државата. Археолошките истражувања се наша основна дејност, утврдена со закон. 

Им упатувам благодарност на градоначалничката и на Општина Кисела Вода за укажаната доверба и поддршка, на црквата „Св. Спас“ во Драчево за разбирањето и соработката, на Конзерваторскиот центар – Скопје, како и на целиот стручен тим кој работеше на терен. Верувам дека ова е почеток на едно посеопфатно истражување на Пеленица и дека резултатите ќе отворат нови можности за заштита и презентација на овој локалитет“ – истакна директорката на Националниот археолошки музеј  Магдалена Манаскова.

По завршувањето на археолошките ископувања, планирано е спроведување геофизички истражувања во дворот на манастирскиот комплекс, со цел да се утврди евентуалното постоење други, досега неистражени архитектонски остатоци. Воедно, од наредната година се планира започнување конзерваторски зафати од страна на Конзерваторскиот центар – Скопје, со цел соодветна заштита и зачувување на откриените остатоци.

Раководител на археолошките истражувања е м-р Радомир Ивановиќ, виш кустос во Националниот археолошки музеј. Во стручниот тим учествуваат Мартин Гиевски, Филип Аџиевски, м-р Трајан Зафировски и Бојко Стојановски од Националниот археолошки музеј, Никола Веселинов од Конзерваторскиот центар – Скопје и д-р Христијан Талевски од Институтот за старословенска култура – Прилеп.

Поврзани вести