
Сакавме годинава да го свртиме вниманието кон научниот потенцијал што го имаме, но и кон фактот дека зад многу светски релевантни истражувања стојат луѓе кои потекнуваат од Македонија. Нивните приказни заслужуваат да бидат познати и дома, а не само во научните кругови во кои работат, вели м-р Драгана Стикова, директорка на Фондацијата „Кантарот“, која ја организира научната конференција „Наука за деца“.
Платформата „Наука за деца“ постои од 2020 година и креира научни содржини, организира конференции, предавања и конкурси и ја промовира научната култура меѓу младите. Од неодамна доби и сопствен простор во центарот на Скопје.
Петтото издание на конференцијата „Наука за деца“ ќе се одржи на 5 и 6 ноември во Скопје, во училиштето „НОВА“. Во интервју за „Република“ со Стикова разговаравме за темата на петтата конфренција, за македонската наука, за потенцијалот со кој располагаме, менторството на македонските научници кои работат во странство и безрезервно им помагаат на финалистите на конкурсот за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“. На Конференцијата ќе биде доделена и наградата „Колега Стикоов“ за научно репортерство.
Петтата конференција „Наука за деца“ е посветена на македонската наука, под мотото „Правиме ПРОстор за МАкедонска идеЈА“. Зошто одлучивте годинава фокусот да го ставите токму на домашната научна мисла?
СТИКОВА: Сметам дека една од работите што ни недостасуваат како општество е способноста да ги препознаеме и вреднуваме успесите што се случуваат околу нас. Често зборуваме за тоа што не функционира, а многу помалку за луѓето кои, и покрај сите ограничувања, создаваат, истражуваат и постигнуваат значајни резултати. Тоа особено се однесува на науката.
Сакавме годинава да го свртиме вниманието кон научниот потенцијал што го имаме, но и кон фактот дека зад многу светски релевантни истражувања стојат луѓе кои потекнуваат од Македонија. Нивните приказни заслужуваат да бидат познати и дома, а не само во научните кругови во кои работат.
Притоа, не очекуваме една конференција да ги реши системските проблеми со кои се соочува македонската наука. Но, веруваме дека можеме да придонесеме кон промена на начинот на кој зборуваме за неа. Кога децата ќе слушнат за успешни научници кои потекнуваат од нивната земја, науката престанува да биде нешто далечно и недостижно, таа добива конкретни лица, приказни и примери со кои можат да се поврзат.

Особено интересен дел од годинашната конференција се младите финалисти на конкурсот за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, кои своите истражувања ги подготвуваат под менторство на македонски научници кои работат во странство. Какви истражувања развиваат овие млади луѓе и што ви открива нивниот научен потенцијал?
СТИКОВА: Оваа година решивме да ги поврземе младите таленти со четворица македонски научници чии професионални достигнувања се препознаени и надвор од нашата земја: Светлана Мојсов, Панче Наумов, Христијан Ѓорески и Петар Поповски.
Секој од младите стипендисти работи на истражување инспирирано од научната работа и придонесот на својот ментор. На конференцијата ќе ги претстават резултатите од својата работа, но и процесот низ кој поминале додека ги развивале своите истражувачки идеи.
Она што го сметам за особено вредно е што преку оваа програма младите добиваат можност да се обидат да размислуваат и работат како вистински истражувачи. Не се работи за усвојување готови информации, туку за самостојно истражување, поставување прашања и барање решенија.
Од досегашното искуство со стипендистите сфатив дека потенцијалот кај младите често е многу поголем отколку што успеваме да го видиме во редовниот образовен процес. Но, за да излезе на површина, потребни се вистински предизвици, поддршка и некој што ќе им даде простор да покажат што можат. Мислам дека токму тоа е најголемата вредност на овој конкурс.
Ментори на младите се научници со меѓународна кариера – Светлана Мојсов, Петар Поповски, Панче Наумов и Христијан Ѓорески. Што значи за едно дете да добие можност директно да работи со научник од таков калибар? Може ли ваквото менторство да биде пресудно за неговиот понатамошен професионален пат?
СТИКОВА: Мислам дека една од најголемите придобивки од ваквото искуство е што детето добива можност да види што навистина значи да се занимаваш со наука. Едно е да читаш за научни откритија во учебник, а сосема друго е да разговараш со човек кој стои зад тие истражувања, кој секојдневно се соочува со научни предизвици и кој може од лично искуство да раскаже како изгледа тој пат.
Не би рекла дека едно менторство само по себе ја одредува професионалната иднина на детето, но сигурно може да биде еден од оние моменти што ќе влијаат врз неговите идни избори. Особено кога станува збор за млади луѓе со изразен научен интерес, кои понекогаш немаат доволно можности да го развиваат во својата непосредна околина.

„Наука за деца“ прерасна од конференција во поширока платформа со конкурси, работилници, стипендии и менторства. Кој е следниот чекор?
СТИКОВА: Со отворањето на новите простории во Скопје веќе направивме значаен чекор во таа насока. Сакаме таму да создадеме средина во која децата ќе можат да доаѓаат не само кога има организирана работилница, туку и кога едноставно имаат желба нешто да истражат, да прашаат или да научат.
Паралелно, инвестираме и во модерни дигитални содржини. Во декември ќе објавиме бесплатна мобилна апликација со која сите деца, и во градовите и во руралните средини, ќе имаат пристап до персонализиран тутор.
Што би сакале да се промени во Македонија во следните пет години како резултат на работата на „Наука за деца“?
СТИКОВА: Би сакала да создадеме општество кое повеќе ги цени знаењето, научната работа и луѓето кои придонесуваат кон нив. Да имаме поголема поврзаност меѓу научниците, образовните институции, бизнис-заедницата и младите генерации.
Исто така, многу ми е важно да се намалат разликите во можностите што ги имаат децата во различни делови од Македонија. Со нашите посети на руралните училишта видовме дека интересот за наука е подеднакво голем, без разлика каде живеат децата. Разликата е во тоа што не сите имаат еднаков пристап до содржини и активности преку кои можат да го развиваат тој интерес. Тоа е нешто што сакаме да го менуваме. Не очекувам „Наука за деца“ самостојно да ги направи сите овие промени, меѓутоа би сакала да бидеме еден од двигателите што ќе ги поттикнуваат.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива и Наука за деца

Македонски




