
Војната во Украина би можела да заврши во рок од неколку месеци, оцени претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, на IV Меѓународна конференција за евроазиска безбедност, која се одржува во Минск.
– Војната во Украина ќе заврши во рок од неколку месеци. Тоа е мое лично мислење. Сите се исцрпени, повеќе нема ресурси, сите се уморни – изјави Лукашенко, појаснувајќи дека не мисли на материјалните ресурси, туку на заморот од војната.
Тој оцени дека конфликтот можел да биде завршен уште во 2022 година, за неколку недели, па дури и денови.
– Но, западните ‘пријатели’ на Киев бараа борба ‘до последниот Украинец’ и го снабдуваа нашиот јужен сосед со оружје. Гледавме како транспортери се движат во близина на нашите граници. Изгубена е вистинската можност за постигнување мир и спасување илјадници животи – рече белорускиот претседател.
Лукашенко предупреди дека продолжувањето на војната и натамошната ескалација би можеле да доведат до трета светска војна. Притоа, тој го поддржа предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за запирање на конфликтот.
– Ако не ја запреме војната во Украина сега, како што предлага Трамп, туку продолжиме по патот на ескалација, сигурно ќе стигнеме до трета светска војна. Големите политичари веќе отворено зборуваат за тоа како би можела да заврши. Не можете да се скриете од нуклеарен удар дури ни од другата страна на океанот. Затоа Трамп прави нешто многу важно – наведе Лукашенко.

Македонски




