
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на работната посета на Брисел, денеска оствари средба со Герт Јан Копман, генерален директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST).
Предмет на разговорот беа оперативните и техничките аспекти на пристапниот процес, можностите за забрзување на европската интеграција и конкретните механизми за напредок во услови на политички блокади.
Сиљановска-Давкова ја истакна потребата од разгледување на расположливите институционални и правни инструменти на Унијата, со цел да се идентификуваат конкретни чекори што ќе овозможат придвижување на процесот врз основа на реформските постигнувања и исполнетите критериуми, независно од билатералните блокади од страна на земјите членки.
За неа, важно е техничката подготвеност и спроведените реформи да добијат соодветно вреднување, а европската перспектива да се претвори во предвидлив процес со јасни чекори и мерливи резултати.

Македонски




