
Научно истражување во коешто учествувале 50 луѓе кои се нашле на работ на смртта покажува дека, во тие мигови, повеќето доживеале визии за огромни, светли простори, закривени хоризонти или чувство дека се опкружени со светлина.
Истражувачката од областа на неврофеноменологијата, Франс Лернер од Универзитетот на Хаифа, Израел, и нејзините колеги се обиделе да ѝ пристапат на оваа појава од визуелен аспект, верувајќи дека овој метод ќе открие обрасци што зборовите не можат целосно да ги доловат. При испитувањата, од учесниците е побарано да го прикажат обликот на просторот што се сеќаваат дека го доживеале, да опишат каде се наоѓале во тој простор, како се движеле низ него и кои бои ги паметат. Потоа, како што пренесува порталот „Сајенс алерт“ (Science Alert), истражувачите создале база на податоци од овие реконструкции и ги споредиле, барајќи сличности во геометријата на просторите.
Така, повторно се говори за конусни простори – вклучувајќи го и познатиот „тунел“ на границата на смртта, како и пространи, закривени простори, каков што е сводот.
Учесниците, исто така, често прераскажувале за простор што целосно го опкружува набљудувачот т.е. преживеаниот, како што е внатрешноста на сфера или некаков топчест облик. Од 28-те конусни простори реконструирани од учесниците, 22 биле прикажани во црна, бела или сива боја, или пак, како светлина без одредена нијанса. За разлика од тоа, 27 од 31 простран, закривен простор биле доживеани во боја. Според Лернер и нејзините колеги, истражувањата во неврологијата и перцепцијата веќе имаат документирано одредени слични визуелни феномени.
Така, еден пример е познатиот „тунел“, којшто може да се појави кога е нарушено снабдувањето со кислород до мрежницата на окото или до мозокот, што всушност, доведува до стеснување на видното поле.
Лернер истакнува дека доминацијата на црната, белата и сивата боја – често присутни кај замислените простори што наликуваат на тунели, има научно објаснување поврзано со човековиот вид. Имено, во услови на слаба осветленост, нашите очи стануваат помалку чувствителни на бои, додека клетките чувствителни на светлина што ни помагаат за гледање во темнина, ја преземаат главната улога.
Иако истражувачите претходно идентификувале повторливи елементи за коишто известувале поединци што доживеале клиничка смрт – како што се тунели и светлина, малку внимание било посветено на просторната структура на овие искуства, како и на начинот на којшто луѓето се доживуваат себеси додека се движат низ нив.

Македонски




