
Националниот џез оркестар продолжува со своите меѓународни активности, со два значајни настапи во Чешка и Босна и Херцеговина, претставувајќи ја македонската џез-сцена пред европската публика.
На 2 ноември, комбо ансамблот на Националниот џез оркестар ќе настапи во престижниот концертен простор PETROF Gallery во Храдец Кралове, Чешка.
Ансамблот ќе се претстави со програма составена од авторски композиции, која ја отсликува креативноста, разновидноста и современиот уметнички израз на македонските џез-музичари.
Комбо ансамблот го сочинуваат Трајче Велков – труба, Кирил Кузманов – алт-саксофон, Иван Иванов – тенор-саксофон, Гордан Спасовски – пијано, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Виктор Филиповски – тапани.
На 4 ноември, Националниот џез оркестар ќе го отвори 30. издание на еден од најзначајните џез-фестивали во регионот – Jazz Fest Sarajevo. Концертот ќе се одржи во Народниот театар во Сараево, на главната фестивалска сцена, со програмата „Macedonian Dreams“, под диригентската палка на маестро Владимир Николов.
„Macedonian Dreams“ претставува уникатен музички спој на традиционалната македонска музика, народните мелодии и ритми, авторските композиции и современиот џез-израз. Преку комплексни и современи аранжмани, македонското музичко наследство добива нова оркестарска димензија, создавајќи автентично концертно доживување.
Програмата веќе беше претставена пред публиката во Будимпешта, Прага, Виена и Брисел.
Настапот на Националниот џез оркестар на отворањето на јубилејното 30. издание на Jazz Fest Sarajevo претставува уште едно значајно меѓународно признание за квалитетот, континуитетот и уметничката визија на оркестарот.

Македонски




