
Народната банка на Србија денеска, 31 октомври, донесе одлука за одземање на дозволата за работа на Алта банка (ALTA banka) од Белград, по значително влошување на нејзината финансиска состојба и ризик за интересите на штедачите.
Одлуката ја донел Извршниот одбор на Народната банка на Србија, по претходно спроведени контролни активности насочени кон подобрување на ликвидноста на банката.
Според официјалното соопштение, контролите покажале дека финансиската состојба на банката значително се влошила и дека постои опасност од дополнително влошување на нејзината ликвидност, со што се загрозени интересите на депонентите.
Од Народната банка наведуваат дека одлуката е донесена согласно Законот за банки, со цел заштита на штедачите и зачувување на стабилноста на финансискиот систем.
Агенцијата за осигурување депозити ќе ја преземе банката
По одземањето на дозволата, надлежниот суд треба да ја именува Агенцијата за осигурување депозити за стечаен управник на Алта банка.
Агенцијата најави дека исплатата на осигурените депозити ќе биде овозможена најдоцна во рок од седум работни дена од донесувањето на судското решение за отворање стечајна постапка.
Осигурениот износ е до 50.000 евра по депонент. Правото на обесштетување го имаат физичките лица, претприемачите, како и микро, малите и средните правни лица.
Банката беше меѓу поголемите во Србија
Според податоците што ги објави Форбс Србија, Алта банка на крајот на јули располагала со актива од 214,9 милијарди динари, односно околу 1,84 милијарди евра, со што била деветта најголема банка на српскиот пазар според нето-билансната актива.
Одлуката за одземање на дозволата доаѓа по неколкудневни полемики околу работењето на банката и наводите за префрлање пари во странство.
Се споменуваше и Македонија во контекст на трансферите
Во изминатите денови во Србија се појавија информации за наводни трансфери на средства од Алта банка кон сметки во Македонија и Русија.
Народната банка на Србија претходно соопшти дека трансферите се вршат преку редовни канали на платен промет и согласно прописите. Народната банка на Македонија, пак, ги оцени како непроверени наводите за трансфери кон земјава, посочувајќи дека самото префрлање пари меѓу држави не значи дека станува збор за сомнителна активност.
Со одземањето на дозволата, Алта банка престанува да работи како банка, а следува стечајна постапка и процес на обесштетување на штедачите во рамките на законски загарантираните износи.

Македонски


