Skip to main content

„Политико“: Пентагон подготвува план за воениот буџет значително помал од барањето на Трамп

Пентагон подготвува предлог за одбранбен буџет на САД значително помал од рекордните 1,5 трилиони долари што ги побара претседателот Доналд Трамп. Иако администрацијата јавно инсистира на таа сума, воените функционери зад затворени врати разработуваат план вреден околу 1,1 трилион долари, објави политичкиот портал „Политико“, повикувајќи се на четири лица упатени во разговорите.

Разликата изнесува дури 400 милијарди долари. Според порталот, на понискиот буџет работат Пентагон и конгресните комисии надлежни за државните расходи, додека Белата куќа и натаму јавно го застапува целосниот износ.

Еден од изворите на „Политико“ изјавил дека Пентагон не може јавно да признае дека се подготвува за понизок буџет.

„Никој од нив не очекува нешто ни приближно до износот од 1,5 трилиони долари“, изјавил поранешен функционер запознаен со разговорите.

Тој додал дека веќе сериозно се разработуваат планови за намалено финансирање, бидејќи таквиот развој на настаните се смета многу поверојатен од усвојувањето на целосното барање на Трамп.

Американскиот претседател побара историско зголемување на воените расходи за финансирање низа амбициозни проекти, меѓу кои новиот систем за противракетна одбрана „Златна купола“ и изградба на нови воени бродови.

Планот на Трамп предвидува 1,15 трилиони долари преку редовната буџетска постапка и дополнителни 350 милијарди долари преку посебна постапка, што би им овозможила на републиканците да одобрат дополнителни расходи без поддршка од демократите во Сенатот.

Сепак, републиканците се уште не постигнале договор за тоа како да ги обезбедат дополнителните средства, а расправите за воените расходи стануваат се понапнати.

Весникот „Вашингтон пост“ објави дека преговорите за одбранбениот буџет се во застој поради длабоките политички поделби, несогласувањата околу војната со Иран и влошените односи меѓу Пентагон и конгресмените.

Според „Политико“, воените функционери веќе разработуваат план на кои програми би им дале приоритет доколку се покаже дека Конгресот нема да го одобри побараниот износ.

Буџетските проблеми се појавуваат во време кога американската војска се обидува да ги надомести огромните трошоци од војната со Иран.

Според податоците на Пентагон, војната до 16 октомври ги чинела американските даночни обврзници околу 47,1 милијарда долари. Од таа сума, околу 29 милијарди долари се однесуваат на надоместување на потрошената муниција, речиси 12 милијарди на воени операции, а околу шест милијарди на изгубена опрема.

Помалиот одбранбен буџет би можел да го забави обновувањето на воените резерви и спроведувањето на дел од планираните проекти.

Засега не е донесена конечна одлука за намалување на барањето на Трамп. Станува збор за интерни подготовки за можноста Конгресот да не ги одобри рекордните воени расходи, додека администрацијата продолжува да го застапува првичниот план. (МИА)

Поврзани вести