Skip to main content

Франција ги заострува мерките против немирите, предвидени казни и до 10.000 евра

Сенатот на Франција усвои предлог-закон со кој се воведува финансиска одговорност на учесниците во немирите за причинетата штета и дополнителни мерки за зајакнување на безбедноста.

Предлог-законот е изгласан со 229 гласови „за“ и 105 „против“ и е испратен до Народното собрание на понатамошна процедура.

Предлог-законот е подготвен по немирите на 17 октомври при што беа погодени повеќе од 2.500 фирми.

Клучната одредба предвидува дека државата може да бара надомест на штета од лица кои „свесно учествувале“ во група формирана со цел вандализам, како и од оние кои остануваат на собири што можат да го нарушат јавниот ред и покрај предупредувања од полицијата.

Одговорноста може да се прошири и на лица кои се индиректно одговорни за штетата, со ограничување од 10.000 евра по лице.

Дополнителните одредби вклучуваат нови административни забрани за демонстрации, построги казни, територијални забрани за странци, полесна употреба на беспилотни летала за судски цели и алгоритамски видео надзор, како и можност за иселување на предизвикувачите на проблеми од социјалните станови.

Утврдена е и итна постапка за отстранување, во рок од 24 часа, на содржините на социјалните мрежи што поттикнуваат вандализам.

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез го поздрави усвојувањето на законот, оценувајќи дека сенаторите значително го подобриле владиниот предлог и бранејќи го како мерка на „здравиот разум“.

Предлог-законот е поддржан и од пратениците од Националниот собир, додека левичарските партии остро го критикуваа текстот. На предлогот се спротивставија и синдикатите, „Амнести интернешнл“ и Националниот совет на адвокатската комора. (МИА)

Поврзани вести