
Од 27 октомври до 1 ноември 2026 година, Скопје е домаќин на Генералната асемблеја на Еуродрам. На манифестацијата која го одбележува 25-годишниот јубилеј ќе земат учество 60 гости од 28 земји во повеќе програми. Се организираат средби, сценски читања, преведувачка работилница, панел-дискусии, промоции на книги и театарски претстави.
Ансамблот на Драмски театар Скопје со претставата „Парови“ во режија на Ивана Ангеловска вечерва настапува во драмската програма на Еуродрам.
„Парови“ од авторката Ана Ристоска Трпеноска беше меѓу наградените дела на европската мрежа за драма и превод Еуродрам (Eurodram) за 2024 година.
Улогите во претставата ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Игор Ангелов, Ања Митиќ, Јасмина Василева, Димитрија Доксевски/Влаимир Петровиќ, Игор Стојчевски, Ивана Павлаковиќ, Стефан Вујсиќ, Трајанка Илиева -Вељиќ, Нина Елзесер, Лазар Христов,
Во белешката за претставата се вели: „Постои ли вистински успешна врска, совршен брак или партнерите се стремат да постигнат невозможен концепт, нешто што е конструкт на општеството?
Животот во заедница е различен од онаа идеализирана љубов што партнерите очекуваат дека треба да се случи и да трае, и од сликата за заедница која доминира во дигиталниот свет. Со „Парови“ сакав да напишам драма за партнери заглавени во трагикомичното секојдневие на заедничкиот живот. Повеќе ме интересира да го прикажам тоа што не се гледа, да пишувам за осаменоста и за проблемите со кои партнерите се соочуваат, но ги чуваат меѓу четири ѕида.
Борба за доминација, его, токсични машко-женски односи, партнери на кои им е поважен професионалниот успех и социјалниот статус, партнери што посакуваат никогаш да не се сретнале, се изневеруваат, бракови што станале рутина, партнери кои имаат различни очекувања, доживуваат разочарувања и се комични во нивната немоќ. Драмата „Парови“ прикажува неколку парови партнери во различни ситуации и фази од нивните животи. Сите нив ги поврзува потребата за љубов и немоќта да ги променат работите“.
Претставата „Парови“ вечерва ќе ја има својата 25 изведба во Театар Комедија во рамките на манифестацијата Еуродрам во Скопје.

Македонски

